Путин: Нема оправдување за тоа што му се прави на Иран

Макфакс

23/06/2025

13:13

409

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека американските воздушни напади врз Иран се апсолутно неиспровоцирана агресија и додаде дека нема никакво оправдување или основа за таквите потези.

Путин ова го изјави во Москва на средба со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, додека продолжува ескалацијата на конфликтот меѓу Иран, Израел и САД.

„Тоа е апсолутно неиспровоцирана агресија против Иран. Таа нема никаква основа и никакво оправдување“, рече рускиот претседател.

Тој додаде дека руската позиција за актуелните настани веќе е јасно изразена и артикулирана од руското Министерство за надворешни работи.

Претходно руското министерство објави официјално соопштение во кое Москва „најостро ги осуди американските напади врз иранските нуклеарни постројки“ и повика на итен прекин на агресијата и зајакнување на дипломатските напори за смирување на ситуацијата.

Израел започна воена операција против Иран ноќта на 13 јуни, а Исламската Република возврати со напад помалку од 24 часа подоцна. Нападите продолжуваат, при што двете страни известуваат за мртви и ранети, како и за удари на повеќе цели.

Соединетите Американски Држави се приклучија на вооружениот конфликт девет дена по неговата ескалација, ноќта на 22 јуни, американски бомбардери нападнаа три ирански нуклеарни постројки: во Фордо, Натанц и Исфахан.