Галас има идеално засилување за Арсенал: Со него можат да ја освојат титулата

Дерби

23/06/2025

12:24

259

Големина на фонт

а а а

Арсенал и минатава сезона ја заврши на втората позиција во Премиер лигата со што екипата не успеа да направи напредок, меѓутоа од друга страна покажа константност и одново е англиски вицешампион што секако не е мала работа.

Секако се бара начин да се направи тој исчекор и конечно да се врати пехарот во северен Лондон, па од Арсенал се очекува да биде сериозно активен на пазарот особено кога се работи за офанзивната линија.

Се очекува ангажман на топ напаѓач што е приоритет, се споменуваат истите имиња кои ги бркаат најголемиот дел од топ екипите во Европа, Ѓекереш, Шешко и Осимен.

Вилијам Галас кој е поранешен член на „топчиите“ има друго решение, решение за кое ќе треба да бидат потрошени големи пари, но Французинот смета дека тоа е гаранција за успех и пехар-ангажман на Исак од Њукасл.

- Осимен е напаѓач од врвна класа, но би можел да го замислам како се судира со Артета. Ѓекереш би бил подобар избор, но Арсенал мора да ја освои Премиер лигата следната сезона што значи дека треба да го потпишат Александар Исак.

- Исак е совршен за Арсенал и тие треба да дадат сè од себе за да го потпишат. Тој би се адаптирал веднаш и би им дал најголема шанса за освојување на титулата од кој било друг играч во светот, тие немаат време да дозволат напаѓач да се адаптира. Арсенал треба да оди и да отвори ќесето за Исак. Тој е напаѓач со 20 гола во сезона и би се опкружил со квалитетни играчи. Тој не би бил евтин, па затоа зависи од управата, но головите се загарантирани, - вели Галас кој освои две премиерлигашки титули со Челси.