12 отсто од вработените на Клинички ќе паркираат на пет минути пеш за да им се олесни пристапот на пациентите, најави Алиу

Макфакс

22/06/2025

12:41

1.022

Големина на фонт

а а а

Триста вработени од вкупно 2.500 на Клиничкиот центар Мајка Тереза од 1 јули ќе можат да ги паркираат своите возила кај „Лимак“ за да се олесни сообраќајот пред комплексот клиники. Ова го најави министерот за здравство, Азир Алиу.

Паркинг местата кај „Лимак” за дел од вработените во Мајка Тереза ќе бидат обележани со табли, оддалечени на пет минути пешачење, а ќе продолжат да ги плаќаат самите, по истатат цена како досега. За тоа кој ќе паркира таму, ќе се одлучува на доброволна основа, рече министерот.


Според него, со пренасочување на возилата на оваа бројка на вработени надвор од кампусот, граѓаните нема да мора да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви. Сепак, на просторот на Клиничкиот центар дневно се паркираат и до трипати повеќе возила одошто има место, а секоја нова власт изминативе две децении ветува изградба на катни гаражи во Клиничкиот центар и решавање на проблемот.

Алиу вели дека во моментов се врши мапирање на секој агол, по што ќе се знае точно колку возила може да се паркираат, кои се пиковите во текот на денот и каде се најкритичните точки на застој.

Министерот најави и интерактивни табли со цел пациентите полесно да се снајдат на Клинички центар, но засега не знае колку ќе чини тоа решение.