ЗНАМ очекува до крајот на месецот да ги заврши преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за взаемна поддршка на некои кандидати за градоначалници

Макфакс

21/06/2025

15:09

139

Големина на фонт

а а а

ЗНАМ на локлните избори ќе настапи самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници, а со ВМРО-ДПМНЕ преговара за поддршка на кандидатите за градоначалници во некои општини. Портпаролот на партијата Никола Мемов, рече дека очекувааат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ да завршат кон крајот на месецот.

„Разговараме за повеќе општини, дефинирано е Куманово, неколку општини во Скопје и повеќе помали општини низ цела држава. Кога ќе завршат разговорите, кога ќе го имаме конечниот договор со владиниот партнер, низ процедурите на органите на партијата ќе бидат дефинирани кандидатите и ќе бидат соопштени во јавноста“, изјави Мемов.

Прашан што точно преговараат со ВМРО-ДПМНЕ, односно дали ќе одат со заеднички кандидати, со заеднички листи или пак се преговара за поддршка во втор круг, портпаролот на ЗНАМ изјави дека партијата на овие избори ќе настапи самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници.

„Таму каде што ќе имаме кандидат за градоначалник од ЗНАМ, во договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, тој ќе биде поддржан од нивна страна и тие нема да имаат кандидат во тие општини. Зборуваме за целосна взаемна поддршка на кандидатите уште во првиот круг“, рече Мемов.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на денешната прес конференција информираше и за одлуките на Централниот одбор, во проширен состав, на вчершната седница, меѓу кои едногласна одлука за почеток на вториот бран на активности, под мотото: „Со срце за нашата општина“, како и а отпочнување постапка за евидентирање на кандидати за советници за локалните избори.

„Само чесни и посветени луѓе, со силна морална и етичка основа, ќе го понесат товарот на одговорноста пред државата и граѓаните. Критериумите за истите се јасни и недвосмислени: етички капацитет, јасна заложба за заштита на државните интереси, почитување на сите етнички заедници, посветеност на европските вредности“ рече портпаролот на партијата Никола Мемов.

Најави дека караванот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе го посети секое населено место, ќе влезе во секоја месна заедница и заедно со граѓаните ќе ја напише програмата за локалните избори.

На вчерашната седница, Централниот одбор го назначил Горан Минчев, генералниот секретар на партијата, за шеф на Централниот изборен штаб. Одлука, која како што нагласи Мемов, се темели на резултати.

Мемов на прес конференцијата ги информираше новинарите и за Вториот изборен Конгрес што ќе се одржи за седум дена, на 29 јуни, во недела, а на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, со полн четиригодишен мандат.