Пресудите за Рамиз Мерко се доказ за правосудниот колапс на судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако претходно денес судот на струшкиот градоначалник му изрече парична казна од 100 дневни глоби од по 100 евра или вкупно 10 000 евра за незаконското именување на директори на училишта.
Од владејачката партија потсетуваат дека истиот судија претходно, го прогласи Мерко за невин за набавката на луксузното ауди А6 од 67 000 евра и уште три други автомобили со вкупна вредност од 114.000 евра.
„Функционерите на СДС и ДУИ прекршувале законски прописи, ги урнисаа институциите но и покрај тоа влакно не им фали, и додека расипнички се однесувале кон државата и институциите енормно се обогатија врз грбот на граѓаните. САД го ставија Рамиз Мерко на американската црна листа поради значајна корупција но и тоа не им е доволно на судиите и обвинителите клиентелисти на Заев и Ахмети“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Се додава и дека олицетворение на правосудниот колапс е Рамиз Мерко, чии судски предмети чудесно застаруваа или беа сторнирани. Пресудите за Рамиз Мерко, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се доказ за правосудниот колапс на судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица.
„Легитимно се поставува прашањето дали постојат институции да го спречат Мерко?“, велат од партијата.
На Мерко не му беше изречена затворска казна, туку парична од 10.000 евра, а беше образложено дека судијата ги земал во предвид олеснителните околности, меѓу кои и тоа што Мерко нема претходни осуди. Беше образложено дека директорите во училиштата не биле бирани од редот на вработените, не бил објавен јавен оглас, немале работно искуство најмалку 5 години и биле бирани едно по друго, спротивно од Законот.
Против Мерко се водат уште два предмети поврзани со назначување директори во други училишта, и процес за незаконско поставување споменик пред зградата во Општината.