Партиските вработувања и трупањето несуштински кадри во услови кога нема доволно контролори на летање, според премиерот Христијан Мицкоски, не е вистинската причина за најавите на контролорите за штрајк на 10 јуни и затворање на небото доколку не престане непочитувањето на систематизација. Одговарајќи на новинарски прашања на повторното отворање на комплексот „Македонско село“ на Водно, премиерот Мицкоски најавите ги нарече закани од кои не се плаши.
„Не мислам дека е тоа причината. Се закануваат оние што правеа упад и кои тепаа. Е сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат и тоа е. Ние од такви не се плашиме“, рече премиерот Мицкоски.
Струковиот синдикат на контролорите на летање со писмо до управниот одбор на М-НАВ побара да се поништи последниот оглас за вработување советници на директорите и друг помошен кадар оти реално неопходно е вработување контролори. Од таму повторно алармираа за нарушени човечки односи, блокирани јавни набавки, непочитување на колективниот договор и непочитување на спогодбата со која минатогодишниот штрајк беше ставен во мирување.
Состојбата во М-НАВ ескалира лани на почетокот на годината кога група од осуммина предводени од Беким Незири, тогаш советник во М-НАВ и функционер во ДУИ, упаднаа во контролната кула и натепаа контролор кратко по прес-конференцијата, на која Синдикатот обвини за партиски вработувања и злоупотреби. Обвинителството отвори постапка за кривично дело загрозување на воздушниот сообраќај, а некои од осомничените беа во притвор или куќен притвор додека траеше истрагата.