Америка го предупреди Хезболах: Тоа би била многу, многу, многу лоша одлука

Макфакс

19/06/2025

17:46

270

Големина на фонт

а а а

Специјалниот американски пратеник за Сирија, Том Барак, го предупреди Хезболах да не се вклучува во војната меѓу Иран и Израел, објави АФП.

Барак, кој е и амбасадор на САД во Турција, е во прва официјална посета на Бејрут, каде што се сретна со високи либански претставници, вклучувајќи го и претседателот на парламентот Набих Бери, сојузник на Хезболах.

„Можам да кажам во име на претседателот Доналд Трамп… дека тоа би била многу, многу, многу лоша одлука“, рече Барак по средбата со Бери, одговарајќи на прашање за ставот на САД доколку либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, се вклучи во војната.

Хезболах, кога избувна конфликтот во петокот, ги осуди нападите на Израел врз Иран, но не објави никакви планови за интервенција во име на Техеран. Групата претрпе големи загуби во минатогодишната војна со Израел, која заврши со прекин на огнот во ноември.

И покрај прекинот на огнот, Израел продолжи со нападите врз Либан, велејќи дека ќе продолжи со нападите сè додека Хезболах не се разоружа. Во израелски напад врз Кфар Јуз во јужен Либан во среда загинаа две лица, додека во друг напад во Бариш беше повредено едно лице, соопшти либанското Министерство за здравство.