Ракометниот клуб Вардар денеска потврди дека ќе ја продолжи соработката со Вуко Борозан, што значи дека црногорскиот бек ќе го носи црвено-црниот дрес и следната сезона.
Вардар веќе најави пристигнување на повеќе нови играчи, но во рамките на реконструкцијата, ќе задржи и дел до актуелниот ростер, вклучувајќи го левиот бек кој ќе остане во Скопје најмалку до крајот на сезоната 2025/26.
– Ракометниот клуб Вардар и црногорскиот репрезентативец Вуко Борозан постигнаа договор за продолжување на соработката. Моќниот лев бек ќе го носи дресот на „црвено-црните“ и во сезоната 2025/2026, што претставува големо засилување за амбициите на клубот во домашните и европските натпреварувања.
– Борозан, кој повторно се приклучи на Вардар во 2024 година, со своето искуство, физичка доминација и разорен шут беше еден од клучните играчи во освојувањето на Куп титулата. Продолжувањето на договорот е доказ за заемната доверба меѓу играчот и раководството на клубот.
– Левиот бек кој е познат по својот силен шут и кој ги трестеше мрежите како член на Вардар во периодот од 2016 до 2019 година, како играч на клубот има освоено и три титули во Македонија, три Купа, трипати СЕХА лигата. По заминувањето од Вардар беше дел од тимот на Веспрем, Ал Араби и Ловќен, – стои во клупското соопштение на РК Вардар.