„Можеби ќе го направам тоа, можеби нема. Мислам, никој не знае што ќе правам“, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите на тревникот пред Белата куќа, одговарајќи на прашање дали САД планираат да нападнат ирански нуклеарни постројки.
Според медиумските извештаи, Трамп ги одобрил плановите за можен напад, но одлучил да чека засега, надевајќи се дека Техеран можеби ќе се согласи да се откаже од својата нуклеарна програма.
Сепак, мисијата на Иран во Обединетите нации соопшти дека Иран не преговара под притисок, сигнализирајќи дека нема намера да се повлече поради заканата од воена акција на САД.
Поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, К.Т. Мекфарланд, вели дека претседателот ќе донесе одлука во последен момент. Но, без надворешен рок што ќе го принуди да го стори тоа, не е јасно кога би можела да дојде таа одлука.