Укинат притворот за петмина осомничени за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад

Макфакс

18/06/2025

16:37

127

Големина на фонт

а а а

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.

Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања за корупција и лошо извршување на работите за неодамнешната реконструкција на станицата.

Меѓу првично уапсените, судот веќе претходно го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со нова измена на одлуката, уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и тримесечна забрана за напуштање на станот, како и забрана за користење на телефон, интернет и прием на други лица во станот.

Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.

Меѓу обвинетите се поранешната вд директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски, како и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.

Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.