Муртезани: Проширувањето мора да се води според Копенхашките критериуми

Макфакс

18/06/2025

13:47

87

Големина на фонт

а а а

Во рамки на денешната работна посета на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере, во Министерството за европски прашања беше одржана заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на партнерството меѓу Северна Македонија и Данска како пример за заемна доверба и почит, потенцирајќи дека подготвеноста за продлабочена соработка доаѓа во клучен момент за европската перспектива на регионот.

Тој ја поздрави одлуката политиката на проширување со ЕУ да биде дел од приоритетите на претстојното данско претседавање со Советот на ЕУ и ја истакна важноста Копенхашките критериуми да останат единствен темел врз кој се гради политиката на проширување.

„Посебно ја цениме принципиелната определба на Данска дека проширувањето на Европската Унија мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми – објективни, мерливи и еднакви за сите. Во време кога процесот е изложен на притисоци и тенденции на билатерализација, токму овие критериуми се нашата заштита. Тие се потсетник дека европскиот пат не смее да се условува со прашања надвор од суштината на демократијата, владеењето на правото и функционалната пазарна економија. Веруваме дека под лидерството на една кредибилна земја-членка, како што е Данска, ЕУ ќе може појасно да го артикулира својот ангажман кон регионот и да покаже дека процесот е не само жив, туку и остварлив“, рече Муртезани.

Министерот подвлече дека Северна Македонија останува посветена на реформите и конструктивната улога во регионот, што е потврдено и со организацијата на Самитот на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст, кој ќе се одржи во Скопје.

Муртезани рече дека нашата земја, и покрај сите предизвици, останува посветена на патот кон ЕУ.

„Планот за раст на Европската Унија го пречекавме како можност за нова етапа на интеграција, која веќе носи конкретни реформи и резултати. Фактот што Северна Македонија наскоро ќе биде земја-домаќин на Самитот на лидерите од Западен Балкан претставува признание за нашата активна улога во обликувањето на европската агенда во регионот.

Почитувана министерке Бјере“, рече тој.