Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски им додели награди на најдобрите ученици, првенци на генерацијата од сите осум основни училишта на територијата на општината.
Вкупно 24 ученици, односно тројцата најуспешни ученици од секое училиште, добија бесплатно летување во летниот едукативно-рекреативен камп SCOUT во Охрид, додека девет од нив, кои според рангирањето имаа најголем број на поени, беа дополнително наградени со висококвалитетни очила за сонце, извести општина Кисела Вода.
„Оваа активност е дел од јасната и доследна заложба на општината да препознае, поддржи и да ги награди трудот и знаењето кај младите, но и да создаде амбиент во кој успехот се вреднува, а учениците се мотивираат да продолжат по патот на учење и личен раст.
Општина Кисела Вода, преку ваквите проекти, ја исполнува својата мисија да гради стимулативна средина во која секое дете ќе има шанса за напредок и афирмација, препознавајќи го образованието како клучна алатка за индивидуален и општествен развој“, соопштува Општината.
„Ние како општина градиме систем кој ги поддржува младите и им дава поттик да се стремат кон повеќе. На овој начин не само што им ги честитаме извонредните достигнувања на овие млади луѓе, туку и испраќаме порака до сите ученици дека трудот, знаењето и истрајноста секогаш ќе бидат препознаени и наградени. Остануваме посветени на креирање услови во кои секое дете ќе има можност да расте, да се развива и да го реализира својот потенцијал. Горди сме што во Кисела Вода растат генерации што ветуваат“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.