Во селото Лисбјерг, на северот од Данска, откриена е гробница од 10 век, која веројатно припаѓала на викиншко благородничко семејство, соопшти музејот Месгард.
Откритието е направено случајно кога за време на градежните работи во близина на Лисбјерг биле откриени бисери, монети, керамика и кутија со златен конец.
Археолозите исто така откриле дека на локалитетот се наоѓаат околу 30 гробови кои датираат од втората половина на 10 век, кога владеел познатиот крал Харалд Блутут, објави музејот Месгард во Орхус.
Според музејскиот археолог Мадс Равн, гробниците веројатно се поврзани со благородничко семејство од викиншката ера, чија фарма била откриена на помалку од еден километар од гробницата кон крајот на 1980-тите.
„Ова можеби бил еден од грофовите или управителите на Харалд Блутут“, рече Равн во вторник. Тој истакна дека кралот, кој го вовел христијанството на територијата на денешна Данска и по кого, многу подоцна, е именувана безжичната „Bluetooth“ технологија, задолжил благородници да управуваат со одредени региони.
На локалитетот истражувачите исто така, откриле и некои човечки остатоци, како што се заби и коски, пренесе „Гардијан“.
„Во основа, во гробницата луѓето внесувале она што им било важно затоа што тоа сакале да го однесат на другиот свет“, рече археологот. Еден од гробовите, за кој научниците веруваат дека ѝ припаѓал на „важна“ жена, содржел кутија полна со декоративни предмети и ножици.