Ердоган и Путин разговараа, го осудија нападот на Израел врз Иран

Макфакс

16/06/2025

17:40

150

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Таип Ердоган во денешниот телефонски разговор го осудија актот на сила на Израел против Иран и повикаа на итен прекин на непријателствата, објави Кремљ.

„Двете страни изразија најсериозна загриженост поради тековната ескалација на иранско-израелскиот конфликт, кој веќе доведе до голем број жртви и е полн со сериозни долгорочни последици за целиот регион“, се вели во соопштението на Кремљ.

„Лидерите се залагаа за итен прекин на непријателствата и решавање на спорните прашања, вклучително и оние поврзани со иранската нуклеарна програма, исклучиво преку политички и дипломатски средства“, беше објавено. Двете страни се согласија да останат во тесна соработка, се наведува во соопштението за медиумите.

Претседателот Ердоган го обвини Израел дека ја загрозува безбедноста на целиот регион за време на телефонскиот разговор со неговиот руски колега, соопшти турското претседателство.

„Претседателот Ердоган изјави дека спиралата на насилство предизвикана од израелските напади врз Иран ја загрозува безбедноста на целиот регион и дека незаконското однесување на владата на Нетанјаху претставува јасна закана за меѓународниот систем“, беше објавено.

Турскиот претседател, кој повика на брзо враќање на преговарачката маса, исто така истакна дека израелските напади врз Иран не смеат да го одвлечат вниманието од геноцидот во Газа.