[ВИДЕО] Инцидент во музеј во Верона: Снимен моментот кога турист седнува и ја крши кристалната столица „Ван Гог“

Точка

16/06/2025

15:11

2.029

Големина на фонт

а а а

Снимка објавена од Палатата Мафеи во Верона прикажува маж и жена како се фотографираат додека се преправаат дека седат на таканаречената „столица на Ван Гог“, пишува Би-би-си.

Мажот потоа, како што изгледа, се лизнува и навистина седнува на столицата, која се скршила под неговата тежина. Според претставници на музејот, двојката избегала пред некој од вработените да забележи што се случило.

Одговорните во Палатата Мафеи ја известиле полицијата, а идентитетот на посетителите засега не е познат.

„Понекогаш, во обид да направиме фотографија, не размислуваме за последиците. Секако, ова беше несреќен случај, но овие двајца си заминаа без ниту еден збор – тоа не беше случајност“, изјави директорката на музејот, Ванеса Карлон, додавајќи дека вакви инциденти се вистинска ноќна мора за секој музеј.

Иако инцидентот се случил во април, снимката беше објавена на 12 јуни, заедно со информацијата дека столицата е повторно изложена, откако мајстори успеале да ја реставрираат.

Столицата е дело на италијанскиот уметник Никола Бола и е украсена со Сваровски кристали изработени од полиран, машински брушен стаклен материјал. Името го добила по познатата слика на обична дрвена столица од Винсент ван Гог.

Според музејот, делото е во голема мера непроценливо – институцијата одбила да ја наведе нејзината точна вредност, пренесува Би-би-си.

Карлота Менегацо, историчарка на уметноста во Палатата Мафеи, објаснува дека, иако изгледа стабилно, конструкцијата на столицата е кревка бидејќи е главно шуплива и споена со фолија.

„На столицата имаше јасна порака со предупредување до посетителите да не ја допираат, а и поставена е на постамент, што јасно укажува дека не е наменета за седење“, вели Менегацо.

Биле оштетени двете ногарки и седиштето, но реставрацијата, според неа, била успешно изведена и делото е вратено на своето место.

Палатата Мафеи е отворена во 2020 година и изложува околу 650 дела, меѓу кои има слики од Пикасо, како и експонати од древноегипетската уметност.

Директорката Карлон нагласува дека повеќето посетители се внимателни и се надева дека објавувањето на оваа снимка нема да остане запаметено како негативна епизода.

Наместо тоа, таа сака да потсети дека „секој треба да влегува во простори со уметнички дела, било да се тоа музеи, цркви или други места каде што може да се види уметност, со поголема почит“.

„Уметноста мора да се почитува и сака, бидејќи е многу кревка“, порачува Ванеса Карлон.