Иран се повлекува од договорот за неширење на нуклеарно оружје

Макфакс

16/06/2025

11:58

298

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеј, денес изјави дека иранскиот парламент подготвува закон за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT), додавајќи дека Техеран останува против развојот на оружје за масовно уништување.

Тајната програма за збогатување на ураниум на Иран беше откриена во 2002 година, што предизвика загриженост дека се обидува да развие нуклеарна бомба со што ги прекрши своите обврски од NPT, што Техеран го негира.

Западните земји, предводени од САД, и Израел, заколнатиот непријател на Иран, се сомневаат дека Техеран сака да развие нуклеарно оружје. Техеран негира дека има такви воени амбиции, но во исто време потсетува и го истакнува своето право да користи нуклеарна енергија за цивилни цели во согласност со одредбите од НПТ.

Сепак, Иран е единствената земја што нема нуклеарно оружје и збогатува ураниум до високо ниво од 60 проценти, според МААЕ.

Нуклеарните разговори меѓу Иран и САД што требаше да одржат вчера во главниот град на Оман, Мускат, беа откажани откако Израел ја започна операцијата „Лавовски подем“ во петокот наутро со ненадеен напад што елиминираше дел од военото раководство на Иран и оштети нуклеарни постројки.

Израел рече дека кампањата дополнително ќе се интензивира во наредните денови, а Иран вети дека ќе „ги отвори портите на пеколот“ како одмазда.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, рече дека неговата влада не гледа смисла во продолжувањето на преговорите по големиот напад врз нуклеарните постројки на Иран.

Иран ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да го осуди Израел по нападот врз неговите нуклеарни постројки. „Мирните нуклеарни постројки на земја која беше под постојан надзор од страна на МААЕ беа нападнати. Очекуваме (агенцијата и нејзиниот раководител Рафаел Гроси) да заземат цврст став со кој ќе го осудат овој чин“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, за време на денешниот вонреден состанок.