[ВИДЕО] Три фирми и 34 лица се обвинети за пожарот: Без дозвола реконструиран, со употреба на несоодветни материјали - дискотеката во Кочани не ги исполнувала ниту минималните услови за угостителска дејност

Макфакс

13/06/2025

13:08

1.848

Големина на фонт

а а а

Вчера се приведени 13 лица инволвирани во трагедијата во Кочани, потсети денеска на прес-конференција јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Тој извести и дека денеска до Основниот суд во Кочани е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Денеска до Основен суд во Кочани се поднесува обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери, на место на кое се собрале поголем број на луѓе, односно за пожарот при настапот на музичката група ДНК на 16 март, каде што животот го загубија 62 лица, 157 се здобиле со тешки повреди и 54 лица со повреди“, изјави Коцевски.

За полицајците се бараат мерки за обезбедување на присуство, бидејќи при акциската контрола дозволиле употреба на пиротехника.

Јавниот обвинител предложи спрема осомничените да се определат соодветни мерки за забрана за напуштање на живеалиштето и да се јавуваат кај институциите за спроведување на законот, одземање на патните исправи и слично.

Обвинетите делото го сториле со свесно постапување рече обвинителот, и дејствувале спротивно на прописите за заштита.

Палењето на пиротехниката не било пријавено во полицијата.

Тој рече дека тие се гонат за тешки дела против општата сигурност.

Во деталите за случајот Коцевски кажа дека објектот не ги исполнувал ниту минималните услови за угостителска дејност.

За објектот, меѓу другото, немало основен проект за реконструкција со пренамена со соодветна статика и сеизмика, електротехнички и термички елаборати како и елаборат за заштита од пожари.

Не донеле и изработиле план за заштита и спасување.

Наспроти ова, првообвинетиот, сопственикот на објектот, преземал градежни дејствија и реконструиал и вградувал несоодветни материјали кои носата ризик од предизвикување на пожар, објасни Коцевски.

Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните материјали, излезот, и влезот, паркингот, средства за ганење на пожари.

Обвинет е и братот на сопственикот на објектот кој продавал влезници, за поголем број на посетители од дозволеното и дозволувал влез на лица помлади од 18 години иако бил свесен за незаконските дејствија, појасни Коцевски како дел од деталите.

Тој потенцира дека во дискотеката никогаш не бил спроведен инспекциски надзор.

Оцени дека секоја од алките во случајот со трагедијата во Кочани имала моќ да го спречи трагичниот настан но никој не го сторил тоа.

Полицајците во „Пулс“ не презеле мерки да спречат активирање на пиротехниката, чие палење не било пријавено во полиција

Истрагата за пожарот во Кочани вчера беше проширена за уште 13 полицајци од СВР Штип. Според информациите на МВР, тие одобриле план за акциска контрола без да проверат дали ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и, исто така, не презеле мерки да спречат активирање на пиротехниката, чие палење не било пријавено во полиција.

Против нив е поднесена кривична пријава за „тешки дела против општата сигурност“.


„Тие како соизвршители не постапиле според прописите за мерките за заштита – одобриле План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани без да проверат дали истиот ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи“, соопшти МВР.

По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без какви било измени, било постапено и на 16.03.2025 на место каде што биле собрани поголем број на луѓе до дискотеката „Пулс“.

Исто така, не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група ДНК во моментот кога ја вршеле контролата, а чие палење не било пријавено во Полициската станица Кочани и како последица на палење на пиротехниката настанал пожар во дискотеката.

„На овој начин, со не преземање мерки за заштита на присутните лица и поради несоодветните услови за работа, во текот на акциската контрола настанал пожар во кој починале 62 лица, а 157 лица се здобиле со потешки телесни повреди, a 54 телесни повреди“, соопшти МВР.

Јавниот обвинител на Судот предложи спрема осомничените да се определат следните мерки на претпазливост, и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности –полициски службеник.