Канадската пливачка Самер Мекинтош (18) продолжува да испишува историја во светот на пливањето! На националното првенство во Викторија, кое воедно претставува квалификација за Светското првенство во Сингапур ова лето, таа го сруши сопствениот светски рекорд на 400 метри мешано.
Талентираната пливачка ја исплива оваа исклучително тешка дисциплина за 4:23,65 минути, подобрувајќи го својот претходен рекорд од 4:24,38 минути, поставен минатата година. Мекинтош, која освои три златни медали на Олимписките игри во Париз (200 м делфин, 200 м мешано и 400 м мешано), повторно го воодушеви светот.
„Знаев дека вечерва можам да направам нешто навистина посебно, бидејќи ова веројатно беше најдобрата трка во мојата кариера“, изјави Самер по спектакуларниот настап.
И тоа не е сè! Во саботата го сруши светскиот рекорд на 400 метри слободно, надминувајќи го времето што минатата година го постави австралиската ѕвезда Аријарна Титмус. Во неделата исплива трето најбрзо време во историјата на 800 метри слободно, а во понеделникот го урна десет години стариот рекорд на легендарната Унгарка Катинка Хошу на 200 метри мешано.
Изгледа дека младата Канаѓанка не познава граници – од трка во трка ги поместува и себеси и спортот, запишувајќи се во историјата како една од најдобрите пливачки на сите времиња!