Како деца ги киднапирале банди, ги продале членови на сопствените семејства, ги измамиле момчиња или сводници – тоа е реалноста во едно село во Бангладеш, каде проституцијата е единствениот начин на живот.
Секој ден повеќе од 1.500 жени и девојчиња се принудени да ги задоволуваат желбите на над 3000 мажи за износи од само две евра во селото Даулатдија – еден од најголемите бордели во светот, пишува "Daily Mail".
Девојчињата се принудуваат на проституција уште од 14-годишна возраст – што е и законската возраст за сексуален однос во Бангладеш – најчесто поради тоа што некој ги продал или прокриумчарил, а потоа ги држат затворени додека не го „исплатат долгот“.
Оние што ќе завршат во Даулатдија – село со бараки и тесни улички – се соочуваат со доживотни физички и психички трауми кои не би смееле да ги доживее ниту едно дете. „Само сакаме да си играме. Мило ни е кога си играме. Би сакала некој да ни најде друго место, некаде надвор, каде би можеле да живееме“, вели едно девојче кое живее во селото.
Нејзиниот живот – како и животите на илјадници други во Даулатдија – најдобро ги опишува изјавата на еден клиент: „Ги земам сите девојки што ги посакувам. Не се чувствувам виновно. Сите треба малку да се забавуваме.“
Секојдневно околу 3.000 мажи го посетуваат борделот – најчесто тоа се возачи на камиони кои застануваат во Даулатдија поради близината на железничката станица и траектното пристаниште на реката Падма – една од главните притоки на Ганг.
„Има млади и стари – од 10 до 40 години“
На прашањето дали неговата сопруга знае каде оди, еден возач на камион за "ARTE.tv" во 2020 година низ смеа изјавил: „Не, ќе ме убие.“ Друг додал: „Има млади и стари. Од 10 до 40 години. Цените се движат од 60 центи до 10 евра.“
Минатиот месец "Amnesty International" испрати порака: „До жените од Даулатдија: повеќе нема да молчиме.“ Тоа беше апел за затворање на селото и негова замена со „вистински домови и работни места за тие жени“.
Објавата следеше неколку недели по појавата на нови снимки од ова село од пет хектари, на кои се гледаат мажи како шетаат низ тесните и пренатрупани улички и бараат жени за сексуални услуги.
Висока смртност и сè повеќе самоубиства
Околу селото се наоѓаат лимени бараки, мали продавници и отворена канализација. Даулатдија е место без спас и не е единствено од таков вид во земјата. Поради огромниот број жени и деца вовлечени во секс-индустријата, во најмалку два бордели – Кандапара и Даулатдија – биле изградени приватни гробишта поради висока смртност и сè повеќе самоубиства на жените.
Жена која веќе 50 години живее во Даулатдија раскажала дека морала да најми тројца зависници за да погребаат мртвородено дете на нејзина сосетка. За "ARTE.tv" изјавила: „Само тие прифатија да го допрат телото. Морав да ги молам.“
Плиткиот гроб бил покриен со бамбус за кучиња и лисици да не го ископаат телото. Претходни години, жените биле принудени да ги фрлаат телата во реката, бидејќи локалното население не им дозволувало да ги закопаат во земјата.
„Ме продадоа кога имав околу осум години“
Патешествијата на жените и девојчињата во Даулатдија се документирани низ годините од новинари кои успеале да влезат во селото и да разговараат со нив. Локални невладини организации веќе две децении се обидуваат да ги подобрат условите за жените и децата. Се проценува дека во селото живеат од 500 до 1000 деца – најчесто во истите соби каде нивните мајки работат.
"The Guardian" во 2016 година разговараше со жители на селото. Едно девојче тогаш рече: „Овде има лоши луѓе. Нè допираат и прават секакви работи, а потоа мајка ми се лути.“
Една жена која била донесена таму како дете изјави: „Не знам од каде ме зедоа. Ме продадоа кога имав околу осум години. Тогаш ништо не разбирав. Денешните деца знаат повеќе, јас не бев таква. Една жена ми даде две чоколади и отидов со неа. Ме донесе овде и ме продаде. Влеговме од предната врата, таа излезе позади. Ми се заканија и морав да останам. Немав избор.“
Сега, вели, го отплатила долгот, самостојна е како сексуална работничка и испраќа пари до децата што ги има надвор од селото. Сè уште се надева дека ќе се врати дома: „Ако ја видам жената што ме продаде, ништо нема да ѝ кажам. Ќе ѝ дадам колку што сака пари – само да ме врати на училиште. Тоа ми е доволно. Ако ме остави таму, ќе си најдам сама пат до дома.“
„Мораме да преживееме“
Една мајка објаснила дека мора да прима клиенти пред очите на нејзината 10-годишна ќерка. „Мораме да преживееме, да ги нахраниме и да ги одгледаме. И мораме да заработиме. Инаку не можеме да им платиме храна и училиште.“
На клиентите, очигледно, не им пречи што на жените им нанесуваат трауми. Еден за "Guardian" изјавил: „Дојдов овде да се забавувам. По тежок ден на работа, се чувствувам подобро. Ги земам девојките што ги сакам – не премногу светли, не премногу темни – ми се допаѓаат средни. Не чувствувам вина. Само уживам. На сите ни треба малку забава.“
„Ќерка ми има 11 години. До кога ќе биде безбедна?“
Девојчињата уште од 10-годишна возраст почнуваат да се подготвуваат за проституција. Истражување од 2018 година спроведено од организацијата "Society for Environment and Human Development" (SEHD) покажало дека 80% од 135 испитани жени биле измамени или киднапирани.
Секоја жена мора секојдневно да плаќа кирија на својата „мадам“ – жена која посредува меѓу нив и сопствениците на просторот. При доаѓањето, жените се принудени да отплатат „долг“ од 200 до 300 долари.
Една жена за "BBC News" изјавила: „Што поскоро да си заминам одовде – толку подобро. Ќерка ми има 11 години. Колку уште ќе помине пред и неа да ја земат?“
„Голем број од девојчињата се малолетни“
Многу од девојчињата кои растат во Даулатдија чувствуваат како времето им истекува – и дека ќе завршат во истата судбина како нивните мајки. Хуманитарни организации алармираат дека голем дел од сексуалните работнички се малолетни.
Даулатдија постои веќе повеќе од еден век. Била основана уште во времето на британската колонијална власт, а преместена на сегашната локација покрај траектното пристаниште во 1988 година, по пожар кој го уништил стариот објект.
Во време на пандемијата, работата се забавила, па во март 2020 година борделот побарал итна храна поради затворањето. Но веднаш штом мерките попуштиле, состојбата се вратила на старо – предупредуваат од "НВО". Иако проституцијата во бордели е легална, повеќето жени работат на улица или во приватни домови – со ризик да бидат уапсени од полицијата.