Мицкоски: Исправена е неправдата, доделени национални признанија

Макфакс

11/06/2025

13:56

422

Големина на фонт

а а а

Денес не зборуваме само за спорт. Зборуваме за пожртвуваност. Зборуваме за истрајност, за достоинство, за љубов кон татковината. Денес, овде, ја исправуваме државата пред нејзините најгорди амбасадори-спортистите што со години наназад ја носеа Македонија во срцето и на грбот, на терените, арените и подиумите ширум светот, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод доделувањето на националното признание на најуспешните македонски спортисти за врвни достигнувања во спортот.

Со оваа одлука, додаде Мицкоски, државата воспоставува нов принцип, дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот.

„Токму затоа овие признанија се доживотни. Тоа е конкретен израз на почит и благодарност, а не симболика. Не го правиме ова од куртоазија, туку од силно убедување. Од уверување дека државата која не ги цени своите херои, полека ја губи и својата душа. Државата не смее и нема да го заборави никого којшто донел слава и чест, и ја промовирале истата.

Овие 22 признанија се само почеток на нова политика“, нагласи Мицкоски.

Ова признание, како што рече, не е само награда за минатото, туку и порака за иднината.

„За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат. Кои се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина. Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас. Ќе продолжиме да вложуваме во спортот, во рамките на своите можности“, рече Мицкоски.