„Ја познава индустријата и знае да преговара“: Која е жената што има задача да ја оживее германската економија?

Точка

10/06/2025

22:28

4.847

Големина на фонт

а а а

Додека на американската политичка и јавна сцена тлее војната меѓу најбогатиот човек и американскиот претседател, во Германија, најсилната економска сила во Европа, амбициозниот план на новоизбраната германска федерална министерка за економски прашања и енергетика, Катерина Рајхе, за зајакнување на нејзината земја како бизнис дестинација поминува во сенка.

„Германскиот раст генерира раст во Европа“, е пораката што таа ја испрати до Брисел во нејзиното интервју за „Фајненшл тајмс“.

Субвенционирање на трошоците за енергија

Но таа не се задржува само на реторика, туку истражува и врши притисок врз Брисел да му дозволи на Берлин да ги субвенционира трошоците за енергија за клучните сектори како што се хемиската и челичната индустрија, бидејќи во спротивно нејзината земја би можела да западне во подлабока зависност.

Овие напори се граничат со кршење на правилата на ЕУ што регулираат кога и како државите можат да им помогнат на своите компании, бидејќи беа воведени за да се обезбеди фер конкуренција на пазарот во рамките на Унијата. Доколку една земја им помогне на своите компании на начин на кој другите не можат или не смеат, тоа би ја нарушило конкуренцијата. Затоа помошта од државниот буџет е строго регулирана. Сепак, овие правила станаа пофлексибилни, по руската инвазија на Украина, а новата германска министерка за економија е исто така свесна за тоа, и затоа бара простор за користење субвенции што треба да ги заштитат енергетски интензивните индустрии од волатилноста на цените, и нагласи дека германските сектори за челик и хемија се клучни за конкурентноста на Европа.


„Отсуството на производство на челик во Германија, отсуството на производство на основни хемикалии, би значело влегување во нови зависности“, рече Рајхе за „Фајненшл тајмс“ и потсети дека најголемата економија во еврозоната се потпира на тешката преработувачка индустрија, која се соочува со повисоки трошоци за енергија делумно поради излегувањето од нуклеарната енергија и целосната руска инвазија на Украина во 2022 година. Ова стави дополнителен товар врз извозно ориентираните компании, кои исто така се борат со конкуренцијата од Кина и недостатокот на домашна работна сила. Сега заканата на Трамп за царини од 50% за сите стоки од ЕУ би можела да ја турне Германија во рецесија оваа година, по три години стагнација.

Новата коалиција на конзервативниот канцелар Фридрих Мерц вети дека ќе ги намали трошоците за електрична енергија за најмалку пет центи по киловат-час со намалување на даноците и мрежните такси, како дел од пошироките напори за оживување на растот и поддршка на производителите на автомобили во земјата и другите производители.

Исто така, владата вети дека ќе воведе посебна намалена цена на електричната енергија за енергетски интензивните индустрии како што се челикот, стаклото, цементот и хемикалиите.

„Берлин ќе си ја заврши домашната задача“

Катерина Рајхе изрази надеж дека Европската комисија ја разбира потребата Берлин да ги субвенционира трошоците за електрична енергија за сектори како што се хемикалиите и челикот за да се стави крај на најдолгиот повоен период на стагнација во Германија.

Таа истакна дека Берлин е решен да „ја заврши својата домашна задача“ со спроведување структурни реформи и започнување инвестициски план од трилион евра во својата инфраструктура и одбранбена индустрија. Но, таа исто така ги изнесе аргументите за заштита на другите производствени индустрии, истакнувајќи ги грешките од минатото што доведоа до прекумерна зависност од Русија и Кина.


Откако беше избрана на оваа позиција, Рајс го привлече вниманието на медиумите. Германскиот канцелар Мерц ја избра за да ја оживее германската економија бидејќи таа ја познава индустријата, особено енергетиката и знае како да преговара.

51-годишната Катерина, која ја напуштила политиката пред десет години за да ѝ се посвети на кариерата во енергетската индустрија опишана е како „тврд орев“ кој сака да го заврши она што го започнала.

Таа е родена на 16 јули 1973 година во Лукенвалде и е дипломиран хемичар.

Како и Ангела Меркел, доаѓа од Истокот и уште во текот на студентските денови ѝ се приклучила на младинската организација на ЦДУ. На 25-годишна возраст била избрана во парламентот, а на 36-годишна возраст беше назначена за заменик-министер за животна средина, а на таа функција помина две години, а потоа уште две во Министерството за транспорт. Во парламентот, Рајхе беше жесток застапник на нуклеарната енергија, која ја нарече тешко заменлива. Таа беше и членка на Фондацијата за германско-полска соработка за време на нејзиниот мандат како парламентарка.


Меѓутоа, во 2015 година, таа направи потег што изненади многумина – го напушти Бундестагот и го презеде раководството на моќното Германско здружение на локални комунални претпријатија (VKU). Од пратеничка до високо платена шефица на индустриска група, таа стана менаџерка и лобистка, а како една од ретките жени на високи позиции во германската енергетска индустрија, таа предводела лоби група што претставуваше околу 1.500 локални и регионални комунални претпријатија (Stadtwerke) од целата земја. Нејзиниот премин беше ненадеен, критикуван од некои невладини организации и доведе до посебна законска одредба во Германија со која им се забранува на министрите да преземаат такви функции пред да помине најмалку една година.