Студија од Харвард: Кафето го успорува стареењето кај жените

Точка

09/06/2025

08:41

276

Големина на фонт

а а а

Не е новост дека кафето може да има здравствени придобивки – особено кога се консумира умерено и редовно. Познато е дека го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2.

Но, нова студија од Универзитетот Харвард открива уште еден потенцијално значаен ефект: редовното пиење кафе може да придонесе за здраво стареење кај жените.

Кафето е задолжителен дел од денот за многумина, а според најновите наоди од Харвард, особено за жените – тоа не само што не е штетно, туку може да биде корисно.


Истражување со 47.000 учеснички

Според резултатите, жените кои пијат до 2,5 шолји кафе дневно имаат значително поголеми шанси да доживеат длабока старост – седумдесеттите и понатаму – без сериозни здравствени проблеми, како што се нарушувања на меморијата, проблеми со подвижноста, дијабетес, рак или деменција.

Секоја дополнителна шолја кафе дневно ја зголемува веројатноста за здраво стареење за околу пет отсто. Препорачаната горна граница од 2,5 шолји дневно покажала подобрување на општата здравствена состојба меѓу два и пет отсто.

Студијата опфатила 47.000 жени кои од 1984 година редовно доставувале податоци за своето здравје, начин на живот и исхрана, пренесува Živim.hr.


Кофеинот од кафето – клучниот фактор

Здравствените придобивки најмногу се припишуваат на кофеинот – но исклучиво оној што доаѓа од кафето.

Кофеинот од сокови и енергетски пијалаци не нуди исти бенефити – напротив, нивното секојдневно консумирање може да ја намали шансата за здраво стареење дури за 19 отсто. Исто така, кафе и чај без кофеин не покажуваат ист позитивен ефект.

„Резултатите укажуваат на тоа дека кафето со кофеин – за разлика од чајот или декофеинираното кафе – може да го поддржи процесот на стареење така што ќе се зачуваат менталните и физичките функции,“ изјави д-р Сара Махдави, авторка на студијата од Харвард, која неодамна ги претстави своите откритија на годишната конференција Nutrition 2025 во Орландо.