Во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица поставен e современ систем за рано предупредување, со којшто дополнително се зајакнува превенцијата од потенцијални опасности кои можат да го загрозат живот и здравјето на луѓето и материјалните добра. Целта е да се намали ризикот од катастрофи и непредвидени настани и да се овозможи поголема контрола преку навремено предупредување. Системот, којшто е инвестиција на рудникот „Саса”, е имплементиран од Македонски Телеком и е дел од националниот систем за тревожење со кој управува Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Ни претставува големо задоволство што со нашето решение имаме можност да придонесеме за поголема безбедност на нашите граѓани. Рудникот „Саса“ е првиот којшто ќе го користи овој систем но, според потребите, тој може да биде имплементиран и во други рудници. Ова е вистински пример за тоа како технологијата придонесува за подобар живот и поздрава животна средина.“ - изјави Марјан Богатиновски, Главен комерцијален директор за деловни корисници во Македонски Телеком.
Овој систем ќе им овозможи на одговорните да се подготват и соодветно да дејствуваат за да се намали можноста од штета или загуби. Неговата примарна цел е преку звучни сигнали навремено да ги извести сите, вклучувајќи ги и жителите на населбите во близина на рудникот, за потенцијалните опасности предизвикани од различни причини и природни непогоди.
„Ова е чекор за поздравување и добар пример што треба да го следат и другите компании и институции во земјата коишто вршат слична дејност. Новиот систем за рано предупредување ќе придонесе за намалување на ризиците од инциденти и кризни ситуации коишто можат да го загрозат животот, здравјето и безбедноста на вработените, како и на населението во околината на рудникот. Имавме успешна симулациска вежба за тестирање и системот на која присуствуваа и членови на Институтот за кризен менаџмент, кои ќе направат евалуација на системот, кој и официјално станува дел од националниот систем за тревожење“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Аљи.
„Ние во „Саса“ се водиме според принципите на одговорно рударство, a наш приоритет број еден е да обезбедиме највисоко ниво на безбедност. Овој систем помага да се постигне токму тоа, со тоа што рано ја предупредува заедницата за какви било природни кризни ситуации и покажува грижа за луѓето, нивната безбедност и благосостојба, како и за заштитата на животната средина“, истакна генералниот директор на Рудник „Саса“, Кристофер Колбурн.