Во Public Room беа претставени резултатите и наодите од проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“ поддржан од dm drogerie markt

Точка

05/06/2025

13:16

143

Големина на фонт

а а а

Оваа среда со почеток од 19:30 часот во Public Room во Скопје се одржа панел дискусија на која беа истакнати резултатите од проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“.

Проектот беше реализиран од страна на Македонското лекарско друштво, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Црвен крст на РС Македонија, благодарение на поддршката која ја доби од dm дрогерија маркт.

Проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“ опфати 16 теренски посети во рурални и маргинализирани заедници, преку кои беа прегледани 200 жени од различни делови на земјата. Во рамки на проектот беа собрани и важни податоци за бариерите, потребите и предизвиците поврзани со гинеколошкото здравје. Беа презентирани и најважните заклучоци: ПАП тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои 1-3 години според возраста и ризикот, скринингот пак овозможува навремено откривање и спречување на цервикален карцином, а многу жени, особено од маргинализирани заедници, сè уште немаат пристап до овие услуги.


На панел дискусијата беа отворени теми од исклучителна важност, поврзани со женското и менструалното здравје. Се зборуваше за пристапот до соодветна грижа за жените од тешко достапите места, за поттикнувањето на редовни гинеколошки прегледи за жени од сите возрасти, како и за превенција на цервикалниот карцином, проблем со кој се соочуваат огромен број жени во светот. Се споделија и препораки како проектот да продолжи да живее и да им служи за подобрување на здравјето на жените.


Во дискусијата како панелисти учествуваа координаторот на програмата за малигни заболувања во Министерството за здравство Проф. Д-р Елена Ристоска, шефицата на канцеларијата на УНФПА д-р Афродита Шалја, потоа претседателот на Македонското лекарство друштво Проф. Д-р Горан Димитров, како и претставничката на Црвен Крст Крушево Софија Николовска и претставничката од dm дрогерие маркт, Мимоза Дончевска. Модератор на дискусијата беше Проф. Д-р Елена Џикова.


Проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“ беше поддржан од страна на dm дрогерии Македонија преку отворениот конкурс за поддршка на иницијативи кои го промовираат женското и менструалното здравје.


dm како компанија која е позната по своето општествено одговорно делување, години наназад го става во фокус здравјето на жените. Изминатите две години, тие отворија конкурс „Заедно едни за други“ за пријава на проекти кои се насочени кон подобрување на здравјето на жените, а тоа резултираше со повеќе 120 пријавени проекти од кои 12 беа поддржани во нивната реализација со повеќе од 6 милиони денари. Оваа година, под слоганот „Ајде да зборуваме за женското здравје“ тие повторно отвораат простор за важни разговори поврзани со здравјето на жените и продолжуваат да се борат против менструалната сиромаштија.