Гарсија дефинитивно кажа „ДА“, Барселона го добива првото летно засилување

Дерби

04/06/2025

13:13

294

Големина на фонт

а а а

Спортскиот директор Деко пред два дена најави дека Барселона максимално ќе ангажира три или четири нови играчи во летниот преоден рок, а како што стојат работите во овој момент, првото ќе пристигне уште до средината на месец јуни.

Најугледните каталонски извори „Мундо Депортиво“ и „Спорт“ ова попладне излегоа со ексклузивна информација за првото летно засилување кое го обезбедиле директорите на Барселона, вест која експресно ја потврдија и останатите реномирани медиуми од останатиот дел од Шпанија како „Марка“ и „АС“.

Прво летно засилување за Барса е фантастичниот млад голман Жоан Гарсија, кој по неверојатната сезона која ја имаше како голман на Еспањол, прифатил да направи таканаречен „предавнички трансфер“ во лутиот градски ривал.

24-годишниот чувар на мрежата го кажал дефинитивното „ДА“ на понудата од Барселона, по што сега на Деко и Лапорта им преостанува само да ја исплатат откупната клаузула во седиштето на Ла Лига.

Барселона ќе добие извонреден голман со огромен потенцијал за сума од само 25 милиони евра, шанса која очигледно никој во клубот не сакаше да ја испушти кога е во прашање откровението на сезоната.

Според многумина, Гарсија беше најдобар голман во сезоната која неодамна заврши, а во Барселона пристигнува за да биде прв голман што секако не е баш добра вест за Марк Андре Тер Штеген.