Пабло Гави низ годините се истакна со својот пожртвуван дух и беспоштедна битка за секој метар од теренот, а таквата игра знае понекогаш да му донесе и низа критики, особено поради начинот со кој знае да презентира и погруба игра.
Гави изминатава сезона се врати после тешка повреда на коленото и мораше да чека долго за кам-бек во репрезентацијата, но откако доби повик од Де ла Фуенте за јунските предизвици во Лигата на нации, младиот играч за врска не го крие огромното задоволство.
По повод враќањето во националниот тим, Гави одработи ексклузивно интервју за „Мундо Депортиво“ и говореше за тешкиот период кој го остави зад себе, но исто така проговори и на некои лични теми кои се интересни за фудбалските фанови.
Во краткиот тест кој му е направен во интервјуто, Гави доби за задача да избере тројца ривали кои би ги донел во првиот тим на Барселона, по што тој без многу размислување издвои три имиња:
– Иско, Верати и Родри, – вели Гави, кој потоа се осврнува на хејтерите кои често знаат да го омаловажат поради стилот на игра.
– Многумина ме гледаат само како компетитивен играч и како воин на теренот. Точно е тоа, но исто така имам и квалитет со топката во нозе, а многумина не го ценат тоа. Ги разбирам луѓето кои ме мразат поради начинот на кој играм, нормално е да има такви на кои не ми се допаѓа мојот стил. Сепак, многумина ме потценуваат во фудбалски аспект, а тоа значи дека немаат врска од фудбал, – вели Гави во свој стил.