Адвокатите на Ратко Младиќ: Му остануваат уште неколку месеци живот, ослободете го

Макфакс

03/06/2025

19:39

674

Големина на фонт

а а а

Адвокатите на Ратко Младиќ поднесоа итно барање до Механизмот на ОН за меѓународни кривични трибунали во Хаг за ослободување на поранешниот воен командант на босанските Срби од хуманитарни причини, велејќи дека тој веќе е префрлен на палијативна нега и дека му остануваат само неколку месеци живот. Поднесокот беше објавен денес.

Во барањето за ослободување се наведува дека Одделот за притвор во Хаг ги информирал Младиќ и неговото семејство дека неговото здравје е неизлечиво и дека се префрлаат на палијативна нега и подготовки за крајот на неговиот живот, при што неговиот животен век се мери во месеци.

Повикувајќи се на „основно хуманитарно прашање“, одбраната бара привремено или условно предвремено ослободување на 83-годишниот Младиќ, осуден за геноцид и воени злосторства. Во барањето се наведува дека „ограничениот животен век на Младиќ треба да биде одлучувачки фактор“.

Тие исто така наведуваат дека нема ризик од бегство поради неговата терминална дијагноза, краткиот животен век, потребата од палијативна нега и фактот дека е врзан за кревет.

Адвокатите Драган Иветиќ и Бранко Лукиќ тврдат дека од март 2024 година, Младиќ доживеал три здравствени инциденти кои лекарите на единицата на ОН ги оцениле како опасни по живот или потенцијално опасни по живот.

„Со оглед на терминалната и неизлечива здравствена состојба на Ратко Младиќ и неговиот краток животен век, продолженото притворање не служи за никаква легитимна цел и претставува нехуман третман и казнување“, се наведува во барањето.

Тие додаваат дека ослободувањето на Младиќ би му овозможило на судот на ОН и на единицата за притвор да ги намалат трошоците за палијативна нега, а на Младиќ да ги побара сите можни медицински опции за да го продолжи и подобри квалитетот на својот живот и да го помине остатокот од животот со своето семејство на хуман и достоинствен начин“, велат тие.