Црвена Звезда го загуби и вториот меч од Будуќност во Подгорица, пораз кој воедно значеше крај за „црвено-белите“ во АБА лигата.
Средбата во „Морача“ беше „мајсторка“, натпревар да се биде или не, а истиот беше одлучен со звукот на сирената со тројката на Мекинли Рајт за конечни 81:78.
Ова секако е разочарување за клубот од Белград, па тренерот Јанис Сферопулос набрзина „испука“ тоа што сакаше да го каже и си замина без да дочека прашања од новинарите.
- Ова беше тежок натпревар. Мислам дека мали детали го решија резултатот, еден скок, еден напад, една одбрана и секако, шутот на крајот. Можевме да играме подобра одбрана во последните две минути, особено во таа последна акција. Не е важен само тој шут, туку сè што се случи пред тоа. Ова е лош резултат за нас и секако не сме задоволни. Мора да продолжиме да се бориме за следните цели. Честитки до Будуќност и им посакувам среќа, - истакна грчкиот стратег.
Звезда сега ќе се фокусира на домашниот шампионат каде ќе се обиде да дојде до пехар и со тоа да заборави на разочарувањето во АБА лигата.