Давиде Фратези се покажа како еден од најдобрите „џокери“ во Европа и фудбалер на кој секогаш можат да се потпрат соиграчите кога работите не одат најдобро на теренот, па токму поради тоа посебно чуди фактот што тренерот Симоне Инѕаги не му даде ниту една минута во големото финале во Лигата на шампиони.
Играчот за врска беше херој во полуфиналето против Барселона и го постигна голот за пласман во Минхен, а претходно постигна важен гол и против Баерн на „Алијанц арена“ во четвртфиналето на натпреварувањето.
До овој момент се уште останува голема енигма зошто Фратези не доби шанса од Инѕаги во завршното сценарио, па откако се појавија шпекулации дека и лично му забележал на тренерот за таквиот потег, пристигна и прва порака од самиот фудбалер за кошмарот во финалето.
Фратези не даде одговори за наводната конфронтација со Инѕаги, но затоа почувствува потреба да им се обрати на фановите на Интер кои уште долго ќе бидат прогонувани од поразот од ПСЖ.
– Уништен сум…… Не го очекував ова, не го очекувавме ова. Години жртва, пот, тренинг, повреди, деноноќни патувања по секакви времиња, само за да видам како исчезнува сонот во еден миг……. Во ова патување доживеавме неверојатни емоции, а истите ќе ми останат врежани во умот до крајот на животот.
– Сакав да бидам на теренот и да се борам со моите браќа, а фактот што не го правев тоа навистина ме боли. Овие изминати месеци 100 процени сфатив што значи да се биде навивач на Интер. Ми подадовте рака, бевте на моја страна во најтешкиот период од животот, дури и кога не играв добро на теренот, дури и кога не бев оној ентузијаст, оној насмеан Давиде како и секогаш.
– Не ме осудивте и бевте покрај мене како постари браќа….. Никогаш нема да го заборавам тоа. Овој пораз ќе боли некое време, таванот во мојот дом ќе ми стане најдобар пријател неколку дена, свесен дека разочаравме голем број луѓе, а најмногу себеси. Форца Интер секогаш! За оние кои беа таму, за оние кои не се веќе со нас, за оние што не се откажуваат, за оние што секогаш стануваат и за оние што ќе паднат, секогаш се враќаат посилни. Навистина ве сакам, – гласи пораката на Фратези до фановите на Интер.