Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Меѓународниот Астана форум, Казахстан оствари средби со Бан Ки Мун, поранешен Генерален Секретар на Обединетите Нации и актуелен претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, со Кристоф Хојсген поранешен претседавач со Минхенската безбедносна конференција, како и со Фелипе Полие, помошник генерален секретар на ЕУ за младински прашања.
На средбата со Бан Ки Мун се зборуваше за меѓународните принципи и правила врз кои почива Светската организација и дека тие мора да бидат основа за решавање на сите конфликти и спорови со кои се соочува светот, а малите и средни по големина држави треба да имаат подеднаква улога во креирањето на иднината на меѓународниот поредок.
Сиљановска-Давкова ги нагласи заложбите на Глобалниот институт за зелен раст (GGGI) и неговата визија за глобална транзиција којашто ги интегрира економскиот развој, намалувањето на сиромаштијата, социјалната инклузија и еколошката одржливост.
Укажувајќи дека државата е посветена на интеграцијата на Целите за одржлив развој во националните стратегии, таа рече дека заедно со Канцеларијата на ОН се работи на подготовка на клучните стратешки документи, вклучувајќи ја и Рамката за соработка за одржлив развој (SDCF) 2026–2030.
Осврнувајќи се на справувањето со климатските предизвици, претседателката истакна дека како земја преземаме решителни чекори, особено имајќи ја предвид нашата местоположба во еден од најранливите региони во светот, Медитеранот.
Сиљановска-Давкова потенцираше дека со Законот за климатска акција земјата ја забрзува зелената транзиција, а паралелно од ЕУ бара континуиран пристап до климатско финансирање, независно од статусот во евроинтегративниот процес.
На средбата со Кристоф Хојсген, поранешниот претседавач со Минхенската безбедносна конференција претседателката искажа благодарност за неговата поддршка и посочи дека еден од врвните надворешно-политички приоритети на државава останува зачувувањето на мирот и стабилноста на Западниот Балкан.
Додавајќи дека проширувањето на ЕУ, не е само политичко и економско, туку и безбедносно прашање, таа истакна дека со членство во Унијата ќе се намали општествената поларизација, ќе се засили социјалната кохезија и нашето општество и институциите ќе бидат поотпорни на сите форми на надворешно влијание.
Германскиот дипломат искажа корисни ставови за изнаоѓање на решение со кое може да се надмине блокадата на македонската евроинтеграција со почитување на темелните принципи и вредности врз кои почива Европската Унија.
На средбата со Фелипе Полие, помошник генерален секретар на ОН за младински прашања Сиљановска-Давкова ги нагласи активностите на светската организација поврзани со младите и плановите за регионов.
Истакнувајќи дека стратегијата Youth2030 е пресвртна точка, првата системска младинска стратегија на ОН со којашто се покажува институционалната посветеност за координирано решавање на младинските предизвици, таа го нагласи значењето од основањето на Советот за млади, под нејзино покровителство, што е поттик за нивна поголема инклузија во општествените процеси.