Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на тркалезната маса по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Асоцијацијата на менаџмент консултантите на Македонија – МКА 2000. Настанот се одржа во Скопје, а на него присуствуваа претставници од ЕУ Делегација, од јавниот и приватниот сектор, CMC лиценцирани консултанти, партнери и соработници.
Во своето излагање, министерот Минчев ја нагласи значајната улога на професионалните консултанти во унапредување на квалитетот на јавните политики и управување со реформите, потенцирајќи дека вистинските реформи не се спроведуваат со декларации, туку со знаење, со поддршка од експерти и со градење систем кој се темели на професионализам, а не на политика.
Тој ја искористи оваа можност за да ги најави идните активности на Министерството, меѓу кои се ревидирање на Стратегијата за јавна администрација со фокус на отчетност, дигитализација и професионално управување со човечки ресурси; Усогласување на стандардите за јавни набавки на консултантски услуги, каде CMC сертификацијата ќе биде признаена како гаранција за квалитет; Примена на алатки за самопроценка како CAF за надворешна евалуација на институциите и вклучување на теренски експерти во развој на стратешки документи и апликации за фондови.
„Верувам и се залагам за институции што се отпорни на клиентелизам и нефункционалност. Соработката со професионалци како Вас, кои работат без политичка агенда, е клучна за јавна администрација што ќе служи на граѓаните, а не на партиите“ – истакна Минчев.
Тој упати и повик за ново партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор.
„Да го промениме начинот на кој размислуваме за јавната администрација – од трошок во ресурс, од бирократија во сервис, од формалност во функционалност.“
Министерството за јавна администрација, како што посочи Минчев, останува отворен и активен партнер во креирањето на поефикасни и отчетни институции, нагласувајќи дека со партнерство, стручност и визија, Македонија може и мора подобро.
Настанот продолжи со панел дискусија посветена на темите на ефикасно управување, консултантски стандарди и идни перспективи за јавната администрација во Македонија.