На 28 мај 2025 година, во Валета – главниот град на Малта, во рамките на 4-тата Европска конвенција за младинска работа под покровителство на Советот на Европа и Европската комисија, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Националната агенција на Република Македонија и Националната агенција на Република Малта
Со овој документ, Македонија обезбедува партнерство кон директно користење на најголемите грантови од европските фондови преку програмата КА3 – која обезбедува поддршка за проекти од стратешко значење, голем обем и долгорочно влијание, особено капитални инвестиции во сферата на образованието, науката, младите и спортот.
Директорот на Националната агенција, Петар Богојески, ја предводеше македонската делегација и лично го договори и потпиша ова стратешко партнерство со неговиот колега од Малта, г-дин Рафаел Скери и отвори нови перспективи за нашите образовни институции, организации и компании, кои досега не пристапуваа до ваков вид грантови и инвестиции.
„Со овој чекор, Македонија влегува во повисока лига на европско партнерство. Овозможуваме пристап до средства што значат вистински развој, конкретни резултати и нови можности за младите, наставниците, истражувачите и иноваторите.“ – изјави Богојески.
Партнерството со Малта, како пријателска и успешна земја-членка на Европската Унија, претставува пример за паметна дипломатија и ефикасно искористување на европската солидарност и средства. Во таа насока силно дејствуваа и м-р Срѓан Каранфиловски, координатор за меѓународна соработка во НАЕОПМ и претставниците на граѓанскиот сектор, дел од македонската делегација.
Македонија денес прави значаен чекор напред – кон европско знаење, кон конкурентно образование и кон европска иднина.