Кремљ реагира откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека „си игра со оган“, по руските беспилотни и ракетни напади врз Украина.
На платформата „Тру соушал„, Трамп рече: „Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека, да не бев јас, на Русија веќе ќе и се случеа многу навистина лоши работи, и мислам на навистина лоши… Тој си игра со оган!“
На прашањето за таа изјава на американскиот лидер, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече:
„Очигледно е дека американската страна прави значителни напори да промовира мировно решение и дека претседателот Трамп сака што е можно поскоро да се постигне договор.
И сакаме да повториме дека сме му благодарни на претседателот Трамп за неговите напори за посредување.
Истовремено, има голем број нијанси кои не смеат да се игнорираат и кои ниту една страна нема да ги жртвува на сметка на своите национални интереси.
Исто како и САД, Русија има свои национални интереси кои се од критично значење за нас. Во моментов се подготвуваме за следната рунда преговори со украинската страна и ќе ги продолжиме контактите со Американците“, се вели во соопштението на Песков.