Македонската фудбалска репрезентација ќе се соочи со Белгија и Казахстан на претстојните јунски квалификациски натпревари, а селекторот Благоја Милевски денеска одржа прес-конференција како најава за претстојниот мини циклус.
Покрај објавувањето на списокот на фудбалери кои ќе бидат во комбинација и објаснувањето за играчите кои не се или може да не бидат во комбинација, Милевски го најави и првиот дуел со Белгија.
– Во однос на списокот, во најголем дел е ист од претходниот пат, а имаме еден дебитант, односно повикан е Стефан Деспотовски.
– За жал не можеме да сметаме на Дарко Велковски, Никола Серафимов и Лирим Ќамили кои се повредени, а под знак прашалник се Алими, Димоски и Миовски, за кои се надевам дека лекарскиот тим ќе ги оспособи да се стават во функција на тимот.
– Македонија како и секогаш кога имала проблеми, секогаш се издигнувала и била на висина на задачата, така што верувам дека така ќе биде и овојпат.
– Белгија ни е прв противник и цел фокус ни е насочен да бидеме на потребното ниво за да парираме на една од според мене, Топ 5 репрезентации во Европа. Новиот селектор Руди Гарсија ја водеше Белгија на дуелите со Украина и сите информации ни се од тие две средби, но играчите се тие, индивидуалниот потенцијал ни е добро познат, па имаме доволно информации за да се подготвиме и да го анализираме следниот противник, – истакна Милевски.