Луис Суарез и Лионел Меси во моментов се соиграчи во редовите на Интер Мајами, а во иднина ќе соработуваат како партнери и во еден уругвајски клуб.
Суарез решил да инвестира во клуб во својата татковина, а Меси прифатил да му биде партнер, информација која ја потврдија двајцата фудбалери со видео објавено во текот на вчерашниот ден.
Клубот кој досега бил познат како Депортиво ЛМ во иднина ќе се вика ЛСМ и ќе започне со своите настапи во четвртата уругвајска лига, со амбиција да дојде до најелитното натпреварување во јужноамериканската земја.
Нејасно е каква улога има Меси во проектот, но се претпоставува дека ќе биде партнер во сопственичката структура, иако е јасно дека Суарез ќе ги влече главните потези.
Најавите се дека тренер на ЛСМ ќе биде Алваро Рекоба, клупска легенда на Интер и поранешен уругвајски репрезентативец.