Трамп се подготвува за пресметка со Путин: Конечно сфати дека е изманипулиран, се подготвуваат остри санкции против Русија

Точка

27/05/2025

11:40

1.271

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп, незадоволен од континуираните руски напади врз Украина и фрустриран од бавниот напредок на мировните преговори, разгледува можност за воведување нови санкции кон Русија веќе оваа недела, дознава "The Wall Street Journal" од извори блиски до Белата куќа.

Иако според тие извори не се очекуваат дополнителни санкции за банкарскиот сектор, Белата куќа разгледува низа други мерки со кои би се извршил притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да попушти на преговарачка маса – вклучително и предлогот за 30-дневно примирје што го поддржува Украина, но кој Кремљ и понатаму тврдоглаво го одбива.

Во неделата, Трамп за првпат јавно го коментираше можното воведување нови санкции. „Апсолутно ја разгледуваме таа опција“, порача тој. „Убива многу луѓе. Не знам што не е во ред со него. Што, за Бога, му се случи?“, изјави Трамп, не криејќи го гневот кон рускиот лидер со кој порано тврдеше дека има „посебен однос“.

Според неофицијални информации од врвот на американската администрација, Трамп размислува дури и за целосно повлекување од мировниот процес, доколку „последниот обид“ не донесе резултати – што би бил преседан за претседател кој во изборната кампања тврдеше дека ќе го запре војната во Украина „уште првиот ден“ од мандатот.

Во случај на американско повлекување од преговорите, останува нејасно дали Вашингтон ќе продолжи со воена помош за Киев – нешто што би можело да има далекусежни последици за состојбата на фронтот и рамнотежата на силите.

„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека сака мир преку преговори“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, додавајќи дека „мудро ги остава сите опции отворени“.

Овој пресврт означува нова фаза во влошувањето на односите меѓу САД и Русија – односи кои и претходно беа крајно нестабилни. Трамп во почетокот на мандатот веруваше дека може да ги поправи односите со Москва благодарение, како што тврдеше, на својот личен авторитет врз Путин.


Жесток руски напад врз Киев

Само неколку часа по најавата на Трамп за можни нови санкции, Русија одговори со најжестокиот воздушен напад врз Украина од почетокот на војната – лансирајќи повеќе од 350 дронови и најмалку девет крстосувачки ракети. Украинските воздушни сили потврдија дека станува збор за најинтензивниот напад од февруари 2022 година, додека Москва тврди дека нападот е одмазда за украински удари на руска територија.

Трамп, кој во кампањата се фалеше дека ќе ја „заврши војната за еден ден“, досега не успеа да издејствува никаква сериозна отстапка од рускиот претседател. Напротив, Путин ја засили агресијата, игнорирајќи ги сите мировни иницијативи од Вашингтон.

Во понеделникот, германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека САД, Германија, Франција и Велика Британија ги укинале ограничувањата за дострелот на оружјето што му го испорачуваат на Киев – што сега ѝ овозможува на Украина да цели воени објекти длабоко во руската територија. Досега, украинската армија можеше да користи западно оружје само во ограничена зона.

Администрацијата на Џо Бајден претходно беше против таква одлука, стравувајќи од ескалација на конфликтот, но очигледно е дека дошло до промена на ставот. Белата куќа засега нема официјален коментар за таа промена.


Трамп сè понесигурен

Односот на Трамп кон Путин во првите месеци од мандатот беше непостојан – од закани со санкции и остри изјави, до идеи за укинување на трговски бариери и американски инвестиции во Русија. Но последниве денови, реториката станува сè поостра.

„Го познавам со години, секогаш сме се разбирале, но сега испраќа ракети во градови и убива цивили. Тоа воопшто не ми се допаѓа“, рече Трамп во неделата. „Зборуваме за мир, а тој истовремено бомбардира Киев и други градови. Тоа не ми се допаѓа. Воопшто.“

Поранешниот американски амбасадор во Украина, Вилијам Тејлор, ја коментираше промената на тонот кај Трамп: „Изгледа дека Трамп сега почнува да сфаќа кој е Владимир Путин. Прашањето е – дали тоа сфаќање ќе доведе до конкретни чекори? Ќе воведе ли вистински санкции?“

„Одговорот засега изгледа вака: Трамп е на прагот да заклучи – или веќе го заклучил – дека Путин е пречка за мирот“, додаде Тејлор.

Три фактори што го променија ставот на Трамп

Трамп со недели ги одбиваше повиците за остар одговор на руското одбивање на примирје, иако Украина прифати прекин на огнот. Блиски сојузници, како републиканскиот сенатор Линдзи Греем, го предупредуваа: Путин не сака мир, туку ќе преговара само под притисок на санкции.

Според високи американски функционери, три клучни фактори го обликувале ставот на Трамп за кризата.

Прво, длабоката антипатија кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого Трамп го смета за провокатор и „кочничар на мирот“. Во објава на социјалните мрежи во неделата, додека го критикуваше Путин, Трамп порача дека „Зеленски не му помага на својот народ со начинот на кој зборува“, имплицирајќи дека дополнително го распалува конфликтот.

Второ, Трамп е убеден дека дополнителни санкции нема значително да ја ослабат руската воена моќ, но би можеле, според него, да ги уништат шансите за обновување на американско-руската економска соработка – што му е важна стратешка цел.

Трето – и веројатно најзначајно – Трамп верувал дека Путин го „познава доволно добро“ и дека од почит кон него лично ќе го запре војната. Но минатонеделниот телефонски разговор со рускиот претседател, за време на кој Путин повторно го одбил примирјето, бил, според извори, „ладен туш“ за Трамп.


„Путин не сака мир“

По разговорот со Путин, Трамп стапил во контакт со Зеленски и европските лидери, пренесувајќи им дека се сомнева оти рускиот претседател навистина сака крај на војната, пишува "The Wall Street Journal".

Во меѓувреме, американскиот Сенат го засилува притисокот врз Москва. Сенаторите Линдзи Греем и Ричард Блументал претставија нацрт-закон за нови санкции против Русија, како и високи царини за земјите кои купуваат руска нафта, гас и ураниум. Предлогот веќе има поддршка од повеќе од 80 сенатори, што укажува на широк консензус против агресијата на Путин.

Според американските медиуми, Трамп се приклучува на списокот претседатели кои верувале дека можат да „пронајдат заеднички јазик“ со Владимир Путин – за на крајот да сфатат дека биле измамени.

Џорџ Буш помладиот во 2001 година, по средбата со Путин, изјави дека „му погледнал во очи и ја видел душата на човек кој е искрен и доверлив“. Години подоцна, Путин ја започна инвазијата врз Грузија.

Барак Обама во 2009 година се обиде со „ресетирање на односите“, но следуваше анексијата на Крим.

Ниту Трамп, за време на својот прв мандат, не успеа да ја сопре руската поддршка за сепаратистите во Донбас – и покрај тоа што и испорачуваше оружје на Украина. На изборни митинзи тврдеше дека до инвазија никогаш немало да дојде доколку тој бил претседател.

„Пред да влезам во Овалната канцеларија, веднаш откако ќе победиме на изборите, војната меѓу Русија и Украина ќе биде завршена“, изјави Трамп во јули 2023 година. „Ќе биде решена.“

Но денес, додека војната ескалира, а Путин одбива каков било договор, сè повеќе се поставува прашањето – дали и реториката на Трамп е само уште една илузија што се распаѓа пред руската реалност?, заклучува "The Wall Street Journal".