Актерката Сидни Свини откри детали за долгоочекуваната, трета и последна сезона на серијата „Еуфорија“ (Euphoria), во која ја толкува улогата на Кеси, пишува „Дејли мејл“.
„Имам посебно место во срцето за Кеси, ја чувам блиску до себе и многу ми е драга. Таа е луда. Постојано прави грешки. Има толку многу маани, но сè што прави – го прави од љубов. Иако, тоа понекогаш е и тажна верзија на љубовта. Неверојатно е забавно да се глуми лик кој е толку изместен како неа“, изјавила актерката, па додала дека во новата сезона Кеси ќе стане „уште полуда“.
Исто така, Свини не го сокрила своето задоволство од соработката со авторот на серијата, Сем Левинсон.
„Сем е генијален режисер со кој обожавам да работам, бидејќи ќе прочитам нешто, ќе му се јавам и ќе му кажам: ‘Ајде уште полудо.’ А тој ми одговара: ‘Сметај на тоа.’ Оваа сезона е сосема откачена“, признала Свини.
Зендеја, која уште минатата година потврди дека новата сезона ќе вклучува временски скок и ќе ги прикаже ликовите како возрасни, во мај била снимена на сетот на серијата на Ејч-би-о во Калифорнија, каде повторно се вратила во улогата на Ру.
Кон крајот на април, Сидни Свини и Алекса Деми биле забележани како снимаат заедничка сцена, а на почетокот на оваа година беше објавено и дека Шерон Стоун ќе глуми во третата сезона.
„Ќе биде фасцинантно да се видат и разберат тие ликови надвор од контекстот на средношколскиот живот, и како сето она што го гледавме додека беа деца влијае врз нивната возрасна доба и врз тоа какви луѓе ќе станат во еден многу поширок свет. И јас едвај чекам да видам што ќе се случи“, изјавила Зендеја.