Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека, како и секој криминалец, Русија може да биде изведена пред лицето на правдата само со сила.
„Само со силата, силата на Соединетите Американски Држави, силата на Европа, силата на сите нации кои го почитуваат животот, може да се постигне целосен крај на овие напади и вистински мир“, нагласи Зеленски, пренесува Укринформ.
Според него, на зголемувањето на бројот на руски напади треба да се одговори со зголемување на санкциите.
„На игнорирањето на дипломатијата од страна на Русија и одбивањето дури и да прифати примирје мора да се одговори со блокирање на руските финансии и трговијата со руска нафта“, заклучи тој.
Како што рече Зеленски, противвоздушните сили и спасувачите работеле цела ноќ. Руската војска употреби најголем број беспилотни летала против украинските градови и заедници од почетокот на војната.
„Вкупно 355 ударни дронови, од кои повеќето се „Шахед“. Имаше и девет крстосувачки ракети. За жал, има повредени и штети на цивилната инфраструктура“, нагласи претседателот на Украина.
Зеленски изјави дека во текот на ноќта нападите биле извршени од Чернигов до Хмелницката област, од Харков до Одеса, и дека тоа била трета ноќ на комбиниран руски терор – ударни дронови и ракети.
„Само чувството на целосна неказнивост може да ѝ дозволи на Русија да извршува вакви напади и постојано да го зголемува нивниот опсег. Ова нема значајна воена смисла, но има значајна политичка смисла. На овој начин, Путин покажува колку го презира светот што троши повеќе труд на дијалог со него отколку на притисок“, убеден е претседателот на Украина.