Полските палеонтолози откриле фосилизирани остатоци од крокодил стар околу 17 милиони години во југозападна Полска, што претставува исклучително ретко откритие за овој дел од Европа.
Остатоците биле пронајдени во рудник за јаглен во близина на градот Гозднице во регионот Долна Шлезија, а според експертите, станува збор за вид кој живеел за време на средниот миоцен, геолошки период кој траел пред околу 23 до 5 милиони години.
Драгоцено откритие
Фосилите вклучуваат делови од черепот, забите и делови од скелетот, а прелиминарните анализи сугерираат дека станува збор за крокодил од семејството гавијали или негов близок роднина. Овие крокодили тогаш живееле во потоплата и повлажна клима што преовладувала во Европа.
Научниците велат дека ова откритие е важно бидејќи фрла нова светлина врз тоа како овие влекачи се ширеле низ Европа и се приспособувале на промените во животната средина. Тие исто така истакнаа дека наодите од овој вид во Европа можат да се избројат на прстите од една рака, што го прави ова откритие исклучително значајно за европската палеонтологија.
Откритието претставува најсеверен доказ за крокодили од миоценската ера, објави ТВП Ворлд. Истражувањето продолжува, а тимот се надева дека во понатамошните ископувања ќе пронајдат повеќе фосилен материјал што би можел да помогне во попрецизно одредување на видот и реконструкција на неговата животна средина.