Трамп рече дека Путин полудел, стигна одговор од Кремљ

Макфакс

26/05/2025

14:19

381

Големина на фонт

а а а

Кремљ изјави дека тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Владимир Путин потполно полудел може да биде резултат на емоционално преоптоварување, но му се заблагодари на американскиот лидер за помошта во почнувањето мировни преговори за Украина.

Трамп рече дека Путин апсолутно полудел со лансирањето на најголемиот воздушен напад во војната врз Украина додавајќи дека размислува за нови санкции кон Москва, иако го прекори и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Секако, почетокот на преговарачкиот процес, за кој американската страна вложи многу труд, е многу значајно достигнување и искрено сме им благодарни на Американците, а особено на претседателот Трамп, за помошта во организирањето и почнувањето на овој процес. Тоа е навистина важно достигнување. Во исто време, тоа е многу чувствителен, клучен момент, кој е поврзан со емоционалниот товар на сите вклучени и со емоционалните реакции“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала 355 дрона и девет крстосувачки ракети кон Украина во текот на ноќта во она што портпаролот на воздухопловните сили го нарече најголемиот руски напад со дронови досега во војната.

Трамп изрази длабоко незадоволство од руското бомбардирање велејќи дека не е задоволен од рускиот претседател Владимир Путин.

„Не знам што му е. Што по ѓаволите му се случи? Убива многу луѓе. Не сум среќен поради тоа“, им рече Трамп на новинарите на аеродромот во Мористаун, Њу Џерси, додека се подготвуваше да се врати во Вашингтон.

Трамп ги даде овие забелешки како одговор на руските воздушни напади врз украинските градови во текот на ноќта во неделата вклучувајќи го и главниот град Киев.

Малку подоцна Трамп го даде истиот коментар на неговата мрежа.

„Отсекогаш сум имал многу добри односи со Владимир Путин од Русија, но нешто му се случи. Тој полудел целосно! Убива толку многу луѓе непотребно, а не зборувам само за војници. Ракети и беспилотни летала се лансираат врз градови во Украина без причина. Секогаш велев дека ја сака ЦЕЛА Украина, а не само дел од неа, и можеби ќе се докаже дека сум во право, но ако се обиде да го стори тоа, тоа ќе доведе до пропаст на Русија!“