Премиерот, Христијан Мицкоски, на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето рече дека оваа тема секоја зима е актуелна, посочувајќи дека не е само воздухот проблем во квалитетот на животот на граѓаните, туку и околината и животната средина.
Во однос на загадениот воздух Мицкоски истакна дека најголем причинител за таквата состојба е системот на затоплување на домаќинствата, јавните и индустриски објекти.
„Кога станува збор за воздухот и квалитетот на воздухот, најголем причинител е јас би се согласил со вас, е токму тоа што вие го кажавте, системот на затоплување на домови. Но, и на индустриски објекти, јавни објекти. Имаме многу јавни објекти кои што се уште користат фосилни горива за затоплување на самите тие објекти.“, истакна Мицкоски.
За решавање на овој проблем премиерот Мицкоски смета дека е потребно да се изградат таканаречени когенеративни гасни централи кои што можат да служат и за производство на електрична енергија и за производство на топлина.
„Така што кога сето ова би се сумирало, можам да кажам дека ова е еден од главните приоритети и ќе продолжиме во таа насока да се бориме, посебно во делот на обезбедување на централизиран систем за затоплување на домовите, јавните објекти и дел од индустриските капацитети. И како тоа ќе го правиме најчесто тоа може да се реши со изведба на таканаречени когенеративни гасни централи кои што можат да служат и за производство на електрична енергија и за производство на топлина. Но, за сето тоа да се случи потребна е и подземна инсталација за да може таа топла вода да дојде до домаќинствата, до јавните објекти и до индустриските објекти.“, дециден е Мицкоски.