Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, вчера учествуваше и се обрати на панел-дискусија во Дејтон, Охајо, по повод 30-годишнината од Дејтонскиот договор, организирана како дел од пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО.
Во своето обраќање министерот Муцунски говореше за значењето на договорот за регионалната стабилност, важната улога на САД во тој процес, како и за придонесот на Република Северна Македонија во зачувувањето на стабилноста и учеството во НАТО.
„Три децении подоцна, наследството на Дејтонскиот договор нè потсетува дека дипломатијата, поддржана со единство и решителност, може да ги сопре куршумите и да почне обновата на човечки животи. Мирот не е крајна дестинација – тој е дисциплина. Процес. Одговорност. Одговорност што мора постојано да се негува, брани и обновува пред новите безбедносни закани“, истакна министерот Муцунски.
Тој нагласи дека водството на Америка не е само добредојдено – туку е незаменливо.
„Кога САД преземаат иницијатива, алијансата стои посилна. Потенцирав и дека Западниот Балкан доживеа суштинска трансформација откога НАТО ги отвори своите врати – и затоа што Вашингтон подаде рака. Ние активно придонесуваме во алијансата и чекориме заедно напред. Зашто за нас НАТО не е само безбедносна структура – тоа е морален компас“, додаде министерот Муцунски.
Во Синсинати, Охајо, министерот Муцунски оствари и средба со македонската заедница, каде што присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Свети Илија“.