Висок функционер на Ким Џонг-ун уапсен поради дебаклот со лансирањето на воениот брод

Макфакс

26/05/2025

08:02

630

Големина на фонт

а а а

Северна Кореја уапси четврти функционер поради неуспешното лансирање на нов воен брод, што го налути лидерот Ким Џонг-ун, објави државната новинска агенција КЦНА.

Ри Хјонг-сон, заменик-директор на Одделот за воена индустрија на владејачката Работничка партија, е уапсен и се вели дека е „во голема мера одговорен за сериозниот инцидент“ што се случи минатата недела.

Станува збор за разорувач од 5.000 тони кој се превртел при лансирањето и сериозно го оштетил трупот, што Ким го опиша како „криминален чин“ кој „сериозно ги оштетил достоинството и гордоста на земјата“. Бродот моментално е во фаза на поправки под надзор на стручен тим, објави КЦНА.

Ри, кој е и член на Централната воена комисија на партијата – телото кое управува со Корејската народна армија и ги одредува воените политики на земјата – е највисоко рангираниот функционер уапсен во врска со инцидентот. Во текот на викендот, уште три лица одговорни беа уапсени од бродоградилиштето во Чонгџин на северот од земјата, каде што беше изграден бродот и каде што се случи инцидентот. Главниот инженер, раководителот на градежништвото и административниот раководител беа уапсени.

Ким Џонг-ун претходно изјави дека инцидентот се случил поради „апсолутна невнимание, неодговорност и непрофесионален емпиризам“. Сè уште не е познато какви казни ги очекуваат уапсените, но се знае дека властите во оваа авторитарна држава честопати ги осудуваат службениците на принудна работа, а понекогаш дури и на смртна казна.

Северна Кореја ретко јавно признава локални несреќи, иако повремено го правела тоа во случаи на неуспешни лансирања на сателити.