Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагира на обвинувањата за тендерот за униформите за припадниците на полицијата, велејќи дека постапката била предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не биле најдени никакви неправилности.
По обвинувањата од опозициската СДСМ дека тендерот го добиле две фирми, од кои едната со двајца вработени, а другата отворена 20 дена пред постапката, Тошковски образложи дека нивната логика е поттикнување на конкуренцијата и фер пристап.
Премногу строги критериуми, вели Тошковски, често ги елиминираат малите и средни претпријатија, кои во Македонија се најконкурентни и често можат да понудат најдобри цени. Наша цел, додава министерот, е да добиеме најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа го постигнуваме со овозможување на поширок круг на понудувачи.
„Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби“, дециден е Тошковски.
Министерот појасни и дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума одеднаш, туку склучена е рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години. Самата рамковна спогодба, вели тој, не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите.
„Наместо само на историјат на понудувачите, ние се фокусиравме на она што е најважно, реалниот квалитет на производот. Затоа, клучните услови беа задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории. Важно е да се нагласи и дека техничките спецификации за униформите и нивните делови се уредени со Правилник кој е јавно објавен во Службен весник. Тоа значи дека тие се стандардизирани и нема можност за какво било влијание врз нивната содржина, што обезбедува еднаков пристап за сите економски оператори“, се вели во реакцијата.
Покрај квалитетот, како што се додава, клучен фактор е и цената. Анализата покажала дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4 отсто за дел 1 и 27,9 отсто за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени.
Во врска со тоа дека обвинувањата доаѓаат од СДСМ, Тошковски рече дека токму тие што ги оставија полицајците без униформи, принудени сами да си крпат, шијат или позајмуваат делови од пензионирани колеги имаат образ да зборуваат за наводни криминални тендери.