Златната купола: „Војна на ѕвездите“ на Трамп

Точка

23/05/2025

20:29

1.135

Големина на фонт

а а а

Новиот американски систем за противвоздушна одбрана „Златна купола“ треба да биде завршен за три години. Трамп тврди дека ќе може да пресретнува и ракети од вселената. Идејата потекнува од израелската „Железна купола“, но американските планови одат многу подалеку.

Американскиот претседател повторно има големи планови: Како што најави за време на изборната кампања, сака да инсталира нов систем за противракетна одбрана што треба да ги заштити САД од закани од воздух, па дури и од вселената. „Златната купола“ ќе чини најмалку 175 милијарди долари и треба да биде завршена до крајот на неговиот мандат во јануари 2029 година, изјави Трамп. Според наодите на Пентагон, САД се соочуваат со растечка закана од Русија и Кина, пишува Дојче Веле.


Сепак, критичарите предупредуваат на огромните трошоци и нереалниот временски рок. Членовите на Конгресот од редот на Демократите, исто така, изразија загриженост во врска со процесот на набавки и можната вмешаност на компанијата „SpaceX“, во сопственост на сојузникот на Трамп, Илон Маск. На меѓународно ниво, проектот, исто така, предизвика загриженост: Кина го искритикува проектот велејќи дека ја загрозува „глобалната стратешка рамнотежа и стабилност“.

Како би можел да функционира штитот?

Израелскиот систем „Железна купола“ (Iron Dome) се наведува како модел за „Златната купола“. Овој израелски систем е во употреба од март 2011 година и пресретнува ракети со краток дострел и артилериски гранати. Се состои од три компоненти: радарска единица, контролен центар и ракетен лансер. Големата разлика од „Златната купола“ на Трамп е тоа што израелскиот систем е наменет за одбрана од ракети со краток дострел и заштита на мала територија. И уште нешто: се работи за мобилен систем што може да се користи на различни места.


Американската верзија треба да биде способна да соборува интерконтинентални ракети со нуклеарни боеви глави. Всушност, тоа е продолжение на плановите од времето на претседателот Роналд Реган (1981 – 1989). Тој сакал да постави ракетен штит инспириран од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ (Star Wars) во чии рамки во вселената би биле распоредени системи за пресретнување.

Вселенскиот проект на Трамп треба да воспостави мрежа од сателити што би препознавале, следеле и евентуално би пресретнувале ракети што доаѓаат од правец на Русија или Кина. Заштитниот штит наводно би можел да вклучува стотици сателити за откривање и следење на ракети.


Според американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, планираниот штит има за цел „да ја заштити татковината од крстосувачки и балистички ракети, хиперсонични ракети и беспилотни летала, без оглед на тоа дали се работи за конвенционални или нуклеарни ракети“. Сè уште не е познато кои технологии ќе се користат за оваа намена.

Грчката „Железна купола“

Покрај САД, постојат и други земји кои го зеле израелскиот систем „Железна купола“ како модел – или барем го користат како медиумски ефикасен термин за својот систем. Според пензионираниот израелски генерал Шахар Шохат, ова предизвикува голема конфузија. „Железната купола“, како што рече тој, стана „бренд како Кока-Кола, кој сега сите го користат затоа што е многу успешен“, изјави Шохат во интервју за военото списание „Defense News“.

Грција на крајот од 2024 година објави дека значително ќе го зголеми својот воен буџет и ќе изгради заштитен штит – сличен на „Железната купола“ – за одбрана од беспилотни летала и ракети, бидејќи верува дека системот „European Sky Shield“ (Европски небесен штит) напредува премногу бавно. Сепак, грчкиот „Железен штит“ се разликува од израелскиот мобилен ракетен систем бидејќи заканата е поинаква, објасни министерот за одбрана Никос Дендиас. Грција првенствено мора да се брани од напади со беспилотни летала.


Други земји, исто така, покажаа интерес за системот „Железна купола“. Според истражувачот Питер Веземан од Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI), кој во изјава за американското списание „Newsweek“ рече дека меѓу нив биле: Романија и Кипар во 2022 година, Азербејџан во 2016 година, Јужна Кореја во 2012 година, Индија во 2010 година и Сингапур во 2009 година. Сепак, Индија и Јужна Кореја подоцна се откажаа од тие планови, а во останатите случаи нема потврда за вистински нарачки или испораки.

Европски „Небесен штит“ – иста логика

И на европско ниво, веќе се правеле споредби со израелската „Железна купола“. Со иницијативата за европски небесен штит (ESSI) беше инициран европскиот проект за противвоздушна и противракетна одбрана во 2022 година. Целта е што покоординирано да се набават системи за одбрана од ракети од краток, среден и долг дострел со цел од воздушниот простор да се одвратат сите закани. Според германското Министерство за одбрана, досега се приклучиле 23 држави.


„Небесниот штит“ ја следи „истата логика“ како и израелскиот систем за противвоздушна одбрана, оценува заменик-началникот на Генералштабот на австриските вооружени сили, Бруно Хофбауер, за државната Австриска новинска агенција. Двата штита имаат за цел одбрана од закани од воздух на повеќе нивоа, истакна тој.