Данела му одговори на Мицкоски: „Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас“

Макфакс

22/05/2025

15:39

590

Големина на фонт

а а а

Жалам што првиот човек на Владата се уште не ги знае законите и нема основни познавања на тоа како функционира локалната самоуправа, за да го повикува градот Скопје да постапува по дивоградби, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска откако премиерот Христијан Мицкоски ја повика да постапи за градилиштето во Чаир за кое тврди дека е без градежна дозвола.

„Мицкоски, надлежност за постапување против дивоградби има општинскиот градежен инспектор. Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по закон. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски“, вели Арсовска.

Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, додава таа, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи.

„Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш“, се вели во реакцијата.