Украина следната недела ќе побара од ЕУ да разгледа нови, построги мерки за изолирање на Москва, вклучително и запленување на руски средства и воведување санкции врз некои купувачи на руска нафта, откако американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заострување на санкциите, дознава Ројтерс.
Во претходно необјавен украински документ што треба да ѝ биде презентиран на ЕУ, од 27-члената Унија се бара да заземе поагресивен и понезависен став во врска со санкциите, со оглед на неизвесноста околу идната улога на Вашингтон.
Меѓу 40-те страници со препораки е и повик за донесување закон за забрзување на запленувањето на имотот на санкционираните лица и нивното пренасочување кон Украина. Санкционираните потоа би можеле да бараат отштета од Русија.
ЕУ треба да разгледа низа мерки за посилно спроведување на санкциите надвор од сопствената територија, според Украина, вклучително и таргетирање на странски компании кои користат европска технологија за да ѝ помогнат на Русија, како и „воведување секундарни санкции врз купувачите на руска нафта“. Ваквите секундарни санкции, кои би можеле да ги погодат големите купувачи како Индија и Кина, би претставувале голем чекор на кој Европа досега не беше подготвена.
Трамп јавно зборуваше за тоа пред да одлучи засега да не дејствува.
Во документот, исто така, се повикува ЕУ да размисли за почесто усвојување санкции со квалификувано мнозинство, за да се спречат поединечни членки да блокираат мерки за кои во моментов е потребна едногласност.
По разговорите со Путин во понеделникот, Трамп одлучи да не воведува нови санкции врз Русија, разочарувајќи ги европските лидери и Киев, кои со недели лобираат за поголем притисок врз Москва. ЕУ и Велика Британија во вторникот воведоа дополнителни санкции врз Русија, велејќи дека сè уште се надеваат дека Вашингтон ќе им се придружи, но европските лидери отворено разговараат за начини за одржување на притисокот врз Москва без американска поддршка.
Украина избегнува јавно да го критикува Вашингтон откако претседателот Володимир Зеленски беше критикуван од Трамп во Белата куќа во февруари.
Документот со санкциите ги истакнува „невидените“ мерки преземени досега од ЕУ и го истакнува нивниот потенцијал за уште посилна акција. Исто така, дава остра оценка за досегашната посветеност на администрацијата на Трамп за координирање на овие напори, наведувајќи дека Вашингтон во пракса престанал да учествува во речиси сите меѓувладини платформи за санкции и контрола на извозот, ја забавил работата на групите за следење и ги прераспределил експертите за санкции во други сектори.
Постојат предупредувања дека повлекувањето на САД од режимот на санкции би можело да предизвика двоумење и во ЕУ, каде што традиционално се бара консензус за донесување на големи одлуки. „Повлекувањето на САД од режимот на санкции би бил огромен удар врз единството на ЕУ. Огромен“, изјави за Ројтерс висок украински функционер.
Иако ЕУ не може целосно да го замени американското влијание во економскиот притисок врз Русија, експертите истакнуваат дека одржувањето на европските санкции дури и без американски мерки, сепак би спречило поголемо враќање на странските инвестиции во Русија. „Европа има повеќе адути отколку што можеби мислите“, рече Крег Кенеди, експерт за руска енергетика на Универзитетот Харвард.