Високата претставничка за надворешна политика, Каја Калас, објави дека ЕУ подготвува договор вреден 5,5 милиони евра со Европската фондација за демократија за поддршка на работата на Радио Слободна Европа.
Синоќа, по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Калас истакна дека во време на растечко, нефилтрирано новинарство, независното новинарство е поважно од кога било.
„Станува збор за краткорочно, итно финансирање наменето за безбедносната мрежа на независното новинарство“, истакна Калас.
Брисел одлучи да му помогне на Радио Слободна Европа откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги прекина грантовите за продемократските медиуми, обвинувајќи ги дека промовираат агенда со либерална пристрасност.
Сега адвокатите на Радио Слободна Европа се борат против американската администрација на суд.
Калас изјави, пренесува АП, дека ЕУ нема да може да ја пополни празнината во финансирањето на радиото низ целиот свет, но дека сака да му помогне на медиумот „да работи и да функционира во оние земји што се во соседството (ЕУ) и кои во голема мера зависат од вести што доаѓаат однадвор“.
Високата претставничка, исто така, рече дека се надева оти членовите ќе помогнат со повеќе пари за поддршка на Радио Слободна Европа на долг рок.
Таа додаде дека ЕУ бара „стратешки области“ во кои може да помогне додека САД ја намалуваат странската помош.