Изградбата на брза пруга на коридор 10 како дел од договорите со Обединетото Кралство е фокус проект со кој Македонија ќе се позиционира како главен транзитен пат на железничкиот транспорт од грчките пристаништа до европските дестинации, истакна на денешната прес-конфереција директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Покрај реконструкцијата на постоечката пруга, предвидено е да се изгради нова пруга и долж Коридорот 10 да има двоколосечна пруга која значително ќе го забрза транзитот на карго превоз и на патници.
„За таа цел ќе се изработи проектна задача за целосна реконструкција на постоечката траса и кревање на брзината до 160км/ч и онаму каде што има можности и над оваа брзина за патничкиот сообраќај, а до 120км на час на товарниот сообраќај.
Паралелно со оваа постоечка траса ќе се изгради една целосно нова пруга. Значи ќе имаме 2 колосека. И за двете пруги ќе се трудиме секаде каде што има кривини согласно можностите максимално да се исправат и да се намали должината на пругата. Од голема важност е што при целата градежна активност ќе биде опфатена и изградбата на пругата со која ќе се поврзе, железничката станица во Скопје со Аеродромот во Петровец”, изјави Ивановски.
Предвидено е пругата да се гради по принципот на проектирање и изградба, односно изведувачот во исто време да проектира и да гради.
„Пругата ќе биде целосно електрифицирана со современи системи за сигнализација и контрола на сообраќајот по стандардот ETCS (European Train control system ) со особен акцент на безбедноста на патниците и на патните премини долж Коридорот 10, за кои што ќе се трудиме сериозно да го намалиме нивниот број. Рокот во кој ќе очекуваме градежните работи да бидат завршени се 5 години. Овој рок ќе биде накнадно прецизиран но ова е временската рамка на очекувања”, додаде Ивановски.
Тој најави дека паралелно со изградбата на пругата, ќе се реконструира и железничката станица во Скопје, како и изградба на пруга до Меѓународниот аеродром Скопје.