Концертот е извонредна можност децата од најрана возраст, преку класична музика во живо, да го развиваат својот интелект, емоции и љубов кон уметноста.
На први јуни, недела, со почеток во 12 часот, игротеката „Дрим зона“ во Дајмонд Мол ќе биде домаќин на еден несекојдневен културен настан наменет за најмладата публика – концертот со наслов „Музика и цртан филм“. Организиран во соработка со Здружението Пламенка Трајковска – МКС од Скопје, настанот е поддржан и од трговскиот центар Дајмонд мол.
Овој концерт е уникатна можност децата да уживаат во живи изведби на класична музика и познати мелодии од омилените цртани филмови. На сцената ќе настапи гудачкото трио предводено од виолинистката Пламенка Трајковска, со Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Публиката ќе има можност да слушне композиции од најголемите имиња на класичната музика како Јохан Себастијан Бах, Жорж Бизе, Антонио Вивалди и тематски адаптации од цртани филмови како „Фрозен“, „Кралот лав“, и „Моана“ и други.
Покрај музичките изведби, концертот ќе биде збогатен со интерактивни, мултимедијални елементи и современа музичка технологија, овозможувајќи им на децата не само да слушаат, туку и активно да учествуваат и да го почувствуваат светот на музиката.
Зошто е важно децата да слушаат сериозна музика од најрана возраст
Слушањето сериозна музика, особено класична, има длабоки и потврдени придобивки за менталниот и емоционалниот развој на децата. Научните истражувања покажуваат дека класичната музика може да ја стимулира активноста на мозокот, да го поттикне развојот на јазичките способности, подобрување на меморијата, концентрацијата и дури и логичкото размислување. Особено кај децата во предучилишна и рана училишна возраст, музиката создава невронски врски кои се важни за понатамошното учење и развој.
Покрај интелектуалниот аспект, сериозната музика го развива естетското чувство, ја поттикнува емоционалната интелигенција и ја продлабочува способноста за слушање и разбирање. Контактот со уметноста од најмала возраст создава навики за културно однесување и ја збогатува детската душа со вредности што ќе ги следат цел живот. Кога децата ќе ги слушнат моќните звуци на виолината, виолата или виолончелото, тие не само што се забавуваат, туку и се образуваат, чувствуваат и размислуваат на еден подлабок начин.
Концертот „Музика и цртан филм“ е токму таква можност – едукативна, забавна и културно значајна. Настанот не само што ќе ги запознае децата со вредностите на класичната музика, туку ќе ја покаже и нејзината блискост и универзалност преку познати теми од нивните омилени филмови.
За родителите и децата, овој концерт е прекрасна можност за заедничко доживување што може да ги инспирира најмладите да продолжат да ја истражуваат магијата на музиката.